Елмас одигра 90 минути во поразот на Наполи кај Интер

Интер одново се врати на второто место на табелата во Серија А, откако вчера во дерби пресметката на „Џузепе Меаца“ беше подобар од Наполи кој одново беше неефикасен како во претходните неколку натпревари во домашното првенство.

„Нераѕурите“ ги искористија своите најдобри шанси и двапати ја затресоа мрежата на Мерет, додека на спротивната страна, фудбалерите на Наполи беа доста непрецизни пред противничкиот гол, па иако создадоа доста прилики, само двапати биеја директно во рамките на голот.

Елиф Елмас беше еден од најдобрите во тимот на Џенаро Гатузо и ги одигра сите 90 минути во Милано, а беше креатор и на највозбудливата соло акција во првото полувреме кога ја измеша одбраната на Интер, но за жал топката заврши само во еден од играчите на домашниот тим.

Претходно, Интер дојде до водство со погодокот на Деамброзио во 11-та минута, а откако Наполи не искористи уште неколку прилики во вториот дел, Лаутаро Мартинез ги постави конечните 2:0 во 74-та минута.

Интер на овој начин се врати на второто место на табелата, па сега интересно во последното коло ќе гледаме директен дуел со Аталанта во Бергамо кој ќе пресуди кој ќе заврши веднаш зад старо-новиот шампион Јувентус.

 

Треба да знаете
Последни објави