Почнуваме со реализација на проектот за изградба и реконструкција на преку 400 километри локални патишта и улици во сите 80 општини и Градот Скопје, за што инвестираме вкупно 70 милиони евра. Министерството за транспорт и врски веќе го објави првиот тендер за реконструкција и санација на вкупно 28 улици и локални патишта во 17 општини“ – истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на денешната прес-конференција што се одржа во Прилеп.
Во првата фаза од проектот за поврзување на локални патишта ќе се работи на реконструкција и надградба на 28 локални патишта и улици со вкупна должина од 23,6 километри, во вредност од 4,5 милиони евра.
Следува интегрален текст од говорот на министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
„Подобрување на урбаното живеење, олеснување на животот на граѓаните и економски развој на државата се врвни приоритети кои континуирано ги реализира Владата предводена од СДСМ. Тоа го докажавме преку историски најголемите инвестиции во патната мрежа, преку инвестициите во изградба на водоводи и канализации, преку реализација на круцијалниот проект за гасификација на земјата и други значајни капитални проекти. Нашите заложби за подигнување на квалитетот на живот во секоја општина се видливи на терен и се потврдуваат со бројните проекти што досега ги реализиравме и оние на кои работиме во моментов насекаде низ државата. Еден од тие значајни инфраструктурни проекти од особена важност за општините е проектот за изградба и реконструкција на локални патишта и улици во сите 80 општини и Градот Скопје, инвестиција од вкупно 70 милиони евра. Веќе информиравме дека средствата се обезбедени, притоа на секоја општина согласно однапред утврдена методологија ѝ се распределени средства со одредена висина, за чие користење општините веќе аплицираа до Министерството за транспорт и врски. Заради правична распределба на средствата се водевме од критериуми користени за слични намени, како што се бројот на население, број на населени места и површина на општините, а исто така предвид ја зедовме и Одлуката за класификација на планските региони според степенот на развиеност за периодот 2013-2017 година. На мое огромно задоволство, денеска сме тука да го најавиме почетокот на реализација на овој проект. Сакам да информирам дека Министерството за транспорт и врски го објави првиот тендер за изградба и санација на локални улици и патишта во 17 општини. Во оваа прва фаза ќе се работат 28 локални улици во должина од 23,6 километри и во вредност од 4,5 милиони евра. Подетално, веднаш по завршувањето на тендерската постапка и роковите за избор, приближно на есен започнуваме со градежни работи, и тоа на:
• Улица Париска во Карпош
• Улица Живко Фирфов во Кисела Вода
• Улица број 532 – Илинден
• две улици во Ѓорче
• две улици во Тетово
• Локален пат до село Жубовце во Врапчиште
• по една улица во Кочани, во Кратово во Македонски Брод
• неколку улици во село Двориште во Берово
• Локален пат Прналија-Шупуѓе во Радовиш
• Локалниот пат до село Слоешица во Демир Хисар
• 3 улици во Кавадарци
• 2 улици во Неготино
• 6 улици во Богданци
• Локалниот пат од Долно до Горно Липовиќ во Конче
• и улица Мице Козарев во Прилеп.
Како што истакнав, тендерската постапка е во тек, рокот за поднесување на понудите е до 18 август, по што следува евалуација на понудите, договор со изведувач и веднаш потоа започнуваме со градежните работи. Во оваа прва фаза влегоа само општините кои до Министерството доставија готови ревидирани проекти кои Светска банка веднаш ги одобри. Исто така, сакам да најавам дека работиме и на вториот пакет на општини, кој некаде до средината на август ќе го испратиме на одобрување до Светска банка и веднаш биде одобрен ќе биде објавен вториот јавен повик. Затоа е многу важно во овој период општините да подготвуваат проекти и да ги испраќаат до Министерството за транспорт и врски, со цел ефикасно и навремено да се искористат средствата што ни се одобрени. Сметам дека со проектот за локални патишта не само што ќе го подобриме урбаното живеење, туку ја зголемуваме безбедноста во сообраќајот, создаваме услови за економски развој на општините и привлекување нови инвестиции. Притоа верувам дека реализацијата на еден ваков проект ќе придонесе за рамномерен регионален развој, економско зајакнување на општините и намалување на разликите помеѓу планските региони и општините кои се дел од нив“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.