Соединетите Американски Држави беа бавни во препознавањето на заканата од коронавирусот од Европа, призна доктор Роберт Редфилд, директор на Американските центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
Во интервју за Еј-Би-Си њуз, тој рече дека до моментот кога тие ја сфатиле европската закана и забраниле патувања во Европа, веројатно две или три недели, 60.000 луѓе секој ден се враќале од Европа.
САД го ограничија патувањето од Кина на 2 февруари, а од Европа на 13 март, но до 8 март, Ковид-19 веќе циркулираше во заедницата во Њујорк, и до 15 март беше широко распространет, покажа неодамнешна анализа на ЦДЦ.
Во времето кога администрацијата на Трамп забрани патувања од Европа, вирусот веќе се ширеше во Њујорк, се наведува во извештајот.
Тестирањето исто така, беше ограничено на почетокот на епидемијата, што им овозможи на луѓето кај кои не беше откриено присуство на вирусот да го шират понатаму.