Албанската Влада потпиша договор со францускиот гигант „Волталија” за изградба на фотоволтаичен парк Караваста. Од албанска страна потпис на договорот стави министерката за инфраструктура и енергетика, Белинда Балаку, во присуство на премерот Еди Рама кој најави дека инвестицијата од 100 милиони евра започнува од септември.
Според Рама, не само што се отвора патот за еден голем капацитет за соларна енергија, туку се „фрла светлина над Албанија во Франција, каде е позната по лошите работи, но овој процес беше пример и модел”.
Рама го забележа и како што рече „прекршувањето” што беше направено денес на денот на Курбан бајрам, но според премиерот денешниот договор е добра вест за Албанија, нејзината економија и нејзиниот имиџ.
-Денешниот ден е запишан како неработен ден во албанскиот календар. Ја користам оваа прилика да ви посакам среќен празник, Курбан бајрам, со барањето за разбирање што го прекршивме овој празничен ритуал, зашто сме убедени дека ова е многу добра вест за економијата, и за имиџот на нашата земја, пред се во Франција. Благодарение на оваа прва инвестиција ќе го унапредуваме енергетскиот сектор. Овој сектор не само што се заснова на обновливите извори на енергија, туку ја додава и сончевата енергија како голем потенцијал кого штотуку почнуваме да го користиме, рече Рама.
Рама покани и други француски компании да инвестираат во неговата земја.