Индиската полиција уапси сериски убиец во бегство, кој признал дека е вмешан во убиството на повеќе од 50 таксисти, чии тела неговата банда ги фрлила во канал полн со крокодили.
Полицијата го фатила откако тој избегал во друга сојузна држава додека бил на условно.
Девендер Шарма беше осуден меѓу 2002 и 2004 година за убиство на седуммина таксисти, при што доби доживотен затвор во Џајпур. Откако поминал 16 години во затвор, 62-годишникот добил дозвола за привремен престој надвор од затворот во јануари. Шарма ја искористил таа можност и избегал во друга индиска држава.
Полицијата го уапси повторно во средата, околу шест месеци по неговото бегство. Го пронашле во Делхи, каде живеел со вдовица за која се оженил додека бил на условно.
Шарма во полицијата признал дека ја прекршил условната казна и дека немал намера да се врати во затвор, пишува Си-ен-ен.
Инаку, тој дипломирал традиционална индиска медицина и 11 години водел клиника во болница во Раџастан. Откако во измама загубил многу пари, се вклучил во продажба на лажни плински боци.
После тоа, се вклучил во нелегална трговија со бубрези за трансплантација, за што бил уапсен во 2004 година. Според полицијата, тој признал дека учествувал во трговија со повеќе од 125 бубрези, при што секој пат заработувал меѓу 6.680 и 9.350 долари.
Шарма признал дека со својата банда извршил уште побизарни злосторства и дека во државата Утар Прадеш викал такси, а потоа ги убивал возачите на тајни места. По убиствата, телата ги фрлале во канал со крокодили, па полицијата не можела да ги пронајде остатоците од жртвите. Потоа ги продавале такси-возилата, цели или на делови, и заработувале околу 270 долари по автомобил.
Тој подоцна потврдил дека организирал убиства на повеќе од 50 таксисти, но е осуден за само неколку од нив.