Денеска се навршуваат три години од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија. Договорот беше потпишан во Скопје од тогашниот премиер Зоран Заев и претседателот на Владата на Бугарија Бојко Борисов.
-На денешен ден, пред три години, имавме чест заедно со премиерот на Бугарија Бојко Борисов, да оддадеме почит на илинденците од Крушево и АСНОМ, на светото место пред гробот на Гоце Делчев во Скопје и да го потпишеме Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Покажавме политичка волја за прогрес, за решавање на отворените прашања и направивме историски чекор напред. Создадовме модел со кој го поставивме споделеното минато како темел за подобра иднина и подобар живот на нашите граѓани, напиша денеска на својот Фејсбук профил лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Заев додава дека перспективите на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, а подоцна и Договорот од Преспа со Грција, ни ги донесоа членството во НАТО, отворениот процес за преговори за членство во ЕУ, но и ко-претседавањето на Берлинскиот процес годинава со што за првпат земја која не е членка на ЕУ, зазема лидерска позиција во оваа регионална програма на ЕУ за Западен Балкан.
-Овој успех стана инспирација и модел за соработка за регионот и пошироко, а македонскиот народ и сите граѓани на Северна Македонија ги потврдија своите најблиски сојузници на европскиот и прогресивниот пат кон подобра иднина. Преку овој договор за иднината, се определивме заедно да ја спречуваме злонамерната пропаганда и заедно да бидеме против говорот на омраза и да го поразиме национализмот, истакна Заев.
Тој посочува дека рамката на иднината на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка ги упатува владите на двете земји да бидат безрезервно посветени на остварување на перспективите за развој и напредок на односите на Република Северна Македонија и Република Бугарија и за добробит на своите народи.
Договорот, во согласност со Уставот на Северна Македонија, беше потпишан на македонски јазик, а исто така, во согласност со Уставот на Бугарија, е потпишан и на бугарски јазик. Потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, кој од страна на Заев и Борисов беше оценет како историски момент, отвори перспективи за двете земји за интензивна и цврста соработка на билатерален и мултилатерален план, унапредување на транспортните врски и комуникации, олеснување на царинските и граничните формалности, издвојување средства за регионални инфраструктурни и прекугранични проекти, олеснување на контактите меѓу граѓаните на двете држави, како и силна поддршка на Бугарија за евроатлантските аспирации на земјава.
Согласно Договорот беше формирана Заедничка македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која досега одржа девет средби на кои се произнесе за заедничко одбележување личности и настани од заедничката историја, а дебатираше и за надминување на различните толкувања. Комисијата досега успеа да постигне напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и согласност околу прашањето за Гоце Делчев.
Работата на Комисијата во моментов е во мирување поради предвремените парламентарни избори што се одржаа во земјава. Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева во март годинава изрази надеж дека Комисијата ќе продолжи со работа по завршувањето на изборите кај нас.