Собранието на Србија денеска ќе одржи конститутивната седница на која ќе бидат потврдени мандатите на народните пратеници.
Седницата е закажана во 10 часот, а на агендата на Собранието, покрај потврдувањето на мандатите на пратениците, е изборот и на претседател на Националното собрание, избор на заменик претседател, именување на генерален секретар на Националното собрание и избор на членови на работни тела.
Изборите за пратеници на Собранието на Србија се одржаа на 21 јуни, а српското Собрание има 250 пратеници.
Според резултатите од изборите, листата „Александар Вучиќ – за нашите деца” на Српската напредна партија (СНС) ќе има 188 пратеници, листата на Социјалистичката партија на Србија (СПС) и Единствена Србија (ЈС) освоија 32 мандати и изборната листа СПАС на Александар Шапиќ ќе има 11 пратеници.
Останатите пратенички места им припаднаа на малцинските партии во Србија.
Девет пратеници доби Сојузот на Унгарците во Војводина, четири мандати има листата на Муамер Зукорлиќ, која беше во коалиција со Демократската партија на Македонците, кои нема да влезат во Собранието, додека листата на Албанската демократска алтернатива ќе има три места. Листата на СДА на Санџак на Сулејман Угjaнанин ќе има ист број на пратеници.
Српското опозициско движење Доста беше (ДЈБ) синоќа одржа протестот пред Парламентот и најави декеа денеска во девет часот ќе го блокира Собранието за да не се одржи конститутивната седница, бидејќи изборите се фалсификувани.