Шестнаесетгодишното момче кое во саботата попладне се удави во Преспанското Езеро, заедно со другите две млади момчиња со кои се возело на педалина во Претор не носеле заштитни елеци, а на плажате немало ангажиран спасувач, вели битолчанецот Александар Ацев за СДК, професионален нуркач, член на клубот „Врело“ од Скопје и координатор на спасувачите од Црвен Крст од Битола, кои 15 часа учествуваше во потрагата по телото на момчето. Тој на местото на несреќата во туристичката населба Претор стигнал час по исчезнувањето на момчето и се вклучил во потрагата. Телото на момчето беше пронајдено денеска близу Претор, по дводневна потрага.„Кога стигнав на лице место таму беа очевидци, ми кажаа дека децата се забавувале со педалинка, дека скокале од неа, не биле искусни пливачи и едно од децата најверојатно не се дофатило до педалинката и почнало да тоне. Немале елеци за спасување. И тоа е еден главен проблем со пловните објекти секаде по езерата кај нас. Елекот е безбедност, тоа е да споредиме како со сообраќајот да не носиш сигурносен појас. По закон е секој патник да носи заштитен елек, поради вакви несакани ситуации“, вели Ацев.