Рокот за доделување на мандатот за состав на новата влада тече веќе трети ден. Политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во изминатите денови потврдија дека работат на создавање мнозинство од 61 пратеник, но конкретна вест кога ќе ја создадат идната влада уште нема.
Министерката за правда во заминување Рената Дескоска, вчера на својот Фејсбук профил, истакна дека Собранието е веќе конституирано и оти тече рокот од 10 дена за доделување на мандатот за состав на влада. Меѓутоа таа не даде информации во однос на преговорите за формирање на владата. Во статусот на Фејсбук, Дескоска се осврна и на дебатата отворена во јавноста во однос на тоа дали Собранието е конститутивно во услови кога не е избран претседателот на законодавниот дом.
– Мандатот на пратениците, согласно Уставот, тече од конститутивната седница. Не може пратениците да имаат мандат во неконституирано Собрание. Собранието е веќе конституирано на конститутивната седница, напиша Дескоска на Фејсбук.
Во врска со примерите кои се посочуваат од 2006 и 2016 година, таа истакна дека кога се прават паралели меѓу два случаи треба да се води сметка за правните акти кои важеле во времето на превземањето на дејствијата и при тоа ги споредува членот 9 од Деловникот донесен во 2002 година кој важел во 2006 година кога претседателот Бранко Црвенковски го доделил мандатот за состав на влада на мандатарот Никола Груевски и членот 9 од Деловникот донесен во 2008 година, како што вели, без учество на опозицијата со едностран акт на владејачкото мнозинство, врз основа на кој е доделен мандатот во 2017.
– Не треба посебна анализа за да се согледаат разликите меѓу двата текста: првиот, оној од 2002 година е појасен, попрецизен, подемократски и со пологични одредби. Вториот, насила донесен од страна на тогашната власт во 2008 година, создава дилеми и проблеми во примената, а главна цел му е да ја стави палката за водење на конститутивната седница во рацете на поранешниот претседател на Собранието, посочува Дескоска.
Од друга страна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес конференција вчера изјави дека неговата партија работи на формирање на парламентарно мнозинство, додавајќи дека „ниту ги потврдува, ниту ги демантира информациите од непотврдени и неидентификувани извори” за тоа дека партијата ги приближила ставовите со ДУИ за формирање влада.
Порталот „Лајм”, повикувајќи се на партиски извори, завчера објави дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се пред договор за формирање влада со премиер Албанец. Според истиот извор, лидерите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски се согласиле дека прв премиер ќе биде Лазар Еленовски, кој ќе се декларира и за Албанец и за Македонец. На овој начин ДУИ ќе има образложение дека го реализирала барањето за премиер Албанец, а и во членството на ВМРО-ДПМНЕ нема да има револт, затоа што за Еленовски ќе биде јасно дека „изјавата дека е Албанец е само за потребите на дневната политика”, наведува „Лајм”.
Во врска со ваквите информации, Арсовски посочи дека и СДСМ вика оти има мнозинство, што, според него, не го потврдуваат другите политички партии.
– Би упатил јавно да ги прашате СДСМ да објават со кои партии имаат формирано парламентарно мнозинство, кои се коалиционите партнери на СДСМ, да изнесат детали, бидејќи зборовите кои што можевме вчера да ги видиме од нивна страна во медиумите, односно од нивни извори „СДСМ има мнозинство” не се доволни за формирање на влада, туку треба 61 пратеник да се согласат на тоа, нагласи Арсовски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика социјалдемократите да одговорат со кого формирале парламентарното мнозинство и да соопштат детали околу договореното.