Престолонаследникот на Саудиска Арабија испратил платени убијци во Канада за убиство на поранешен саудиски разузнавачки агент, се вели во тужба поднесена во еден американски окружен суд, пренесува „Анадолија“.
Во тужбата на 106 страници, Саад Алџабри (39) посочува дека принц Мохамед бин Салман сакал да го убие затоа што тој знаел премногу за наводно корумпираните деловни активности на принцот, како и за формирање група платеници наречена „одредот Тигар“. Алџабри е постојан жител на Канада.
Алџабри, ветеран од саудиската разузнавачка служба, вели дека „одредот Тигар“ го убил саудискиот новинар Џамал Кашоги во Саудиската амбасада во Турција во 2018 година. Во тужбата тој додава дека има близок работен однос со американските разузнавачи и дека преку откритијата може да ѝ наштети на репутацијата на Бин Салман во Вашингтон.
„Малку места чуваат толку чувствителни, понижувачки и осудувачки информации за обвинетиот Бин Салман од умот и сеќавањето на д-р Саад – освен можеби снимките што д-р Саад ги направил очекувајќи го своето убиство“, се наведува во судскиот документ. „Затоа обвинетиот Бин Салман го сакал мртов и работел на постигнување на таа цел во последните три години“.
Канадската влада одби да коментира за тужбата, но министерот за јавна безбедност, Бил Блер, рече дека владата знае за ситуации кога странските субјекти им се заканувале на Канаѓани како и на луѓе што живеат во земјата.
„Сосема е неприфатливо и ние никогаш нема да толерираме странски актери кои ѝ се закануваат на националната безбедност на Канада или на безбедноста на нашите граѓани и жители“, се вели во изјавата на Блер.
Алџабри избегал од Саудиска Арабија во 2017 година, пребегувајќи во Турција, а потоа и во Торонто, каде што престојува.
Ова не е прв случај Бин Салман да биде обвинет дека сакал да убие жител на Канада . На 22 јуни, Омар Абдулазиз, истакнат критичар на Саудиска Арабија кој сега е во егзил во Канада, го предизвика гневот на саудискиот принц, а канадските власти го предупредија дека може да биде обележан за атентат или киднапирање од Саудијците.
И Абдулазиз побегнал во Канада и сега има сатирична емисија на „Јутјуб“ позната поради критиките кон Саудиска Арабија.