Македонски концепт ја поддржува иницијативата на претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска за донесување на Закон за потекло на имот на сите новоизбрани пратеници во Собранието на Македонија како и именувани министри и високи функционери.
Проверка на имотната состојба на политичарите е проект што Македонски концепт ги понуди како дел од носечките столбови 3С за време на кампањата за предвремените парламентарни избори во јули. Еден од врвните приоритети треба да биде безусловно носење закон за докажување на потеклото на имотот на сите новоименувани пратеници, како и заплена на имотот на функционери и политичари коишто не можат да го докажат неговото потекло.
“Во Македонија е пракса да стекнатиот имот политичарите го прикажуваат на друго име, близок член од фамилијата. Па така сите оние кои во изминативе 30 години ги видовме во собраниските редови, но и високи владини функционери наместо да работат за доброто на граните, тие ја искористија позицијата за да се збогатат. Само со вистинско докажување на имотот и казнивост за секоја злоупотреба на позицијата на која се поставени може да дојдеме до поштени и народни државни функционери кои ќе работат да ги претставуваат интересите на граѓаните, а не за лично збогатување. Во текот на изборната кампања се изнаслушавме премногу надреални ветувања, како и дека ќе работат и служат за интересите на граѓаните, борба против криминал и корупција, повеќе пари кај граѓаните, подобра иднина. Сега е вистинскиот момент за новиот собраниски состав со донесување на овој Закон за потекло на имот да докажат и покажат на граѓаните дали навистина се грижат за доброто на граѓаните и државата, изјави Петар Богојески од Македонски Концепт.