Според последните податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени 19.385.292 лица. Од нив починале 720.053, а оздравеле 12.445.324 луѓе.
– Во последните 24 часа во Србија се потврдени 276 нови случаи на коронавирус, врз основа на 9.922 тестирани примероци, а починаа уште пет лица.
– Во последните 24 часа, од 463 тестирани лица, во Косово се регистрирани 181 нови случаи на коронавирус, а три лица починаа, објави Националниот институт за јавно здравје на Косово. Во истиот период се регистрирани 125 оздравени пациенти.
Од почетокот на епидемијата во Косово се евидентирани 9.869 случаи на ковид-19, а починале 303 лица, пренесува Косово Онлајн.
– Во Шпанија се регистрирани 1.895 нови случаи на коронавирус, најмногу во Баскија, Каталонија и Арагон, објавија денеска шпанските власти. Тоа е околу 200 нови зарази повеќе отколку што имаше вчера.
Најголем пораст на нови случаи е регистриран во Баскија, за 428 или 26 проценти повеќе отколку во четвртокот.
Од почетокот на епидемијата во Шпанија се заразени повеќе од 314.000, а починале 28.503.
– Бројот на смртни случаи во САД денеска надмина 160.000, што е речиси четвртина од бројот на жртви во светот, додека во земјата се дебатира дали да се отворат училиштата во наредните недели.
САД, каде има најмногу случаи на коронавирус, вкупно има 160.003 смртни случаи и 4,91 милиони заразени луѓе.
– Во Бугарија се потврдени нови 297 случаи на коронавирус, со што вкупниот број случаи изнесува13.014. Повеќето од пациентите се од Софија, а потоа следат Пловдив и Добрич. Меѓу новите пациенти има 12 медицински работници. Во моментов во Бугарија се заразени 5.205 лица, а 874 лица се хоспитализирани.
– Во Босна и Херцеговина во последните 24 часа се регистрирани 282 нови случаи на коронавирус, а починаа девет лица.
Од вкупно 282 нови случаи, 198 се во БиХ, а 84 во Република Српска.
Од починатите, петмина се од БиХ, а четворица од Република Српска.
Во БиХ, вирусот досега е потврден кај 8.026 лица, а починале 190 пациенти.
Досега се потврдени 5.429 случаи на коронавирус во Република Српска, а починале 191 лице.
– Во Хрватска во изминатите 24 часа се потврдени 62 нови случаи на заразени со коронавирус, со што бројот на активни случаи се зголеми на 553, соопшти денеска Националниот штаб за цивилна заштита.Од почетокот на епидемијата се регистрирани 5.466 случаи на коронавирус, а 155 лица починале.
До денеска, тестирани се вкупно 126.410 примероци.
– Во последните 24 часа во Словенија беа потврдени 10 нови случаи на коронавирус, врз основа на 753 тестирани примероци. Во таа земја има 181 активен случај. Во изминатиот ден немаше смртни случаи, така што вкупниот број на смртни случаи остана 125, додека 2.233 лица се заразени од почетокот на епидемијата.
– Во Германија се регистрирани 1.147 нови случаи на коронавирус, со што вкупниот број на заразени достигна 214.241, според податоците објавени денеска од Институтот „Роберт Кох”. Тоа е зголемување на бројот на заразени во однос на претходниот ден кога беа регистрирани 1.045 пациенти, што е првпат за три месеци бројот на новозаразени да надмине 1.000. Бројот на смртни случаи се искачи за осум, на 9.183.
– Полска не планира да воведе дополнителни рестриктивни мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, и покрај рекордниот број на заразени, изјави денеска заменик-министерот за здравство на земјата, Јануш Киешински.
Полската Влада воведе построги правила во неколку области, вклучувајќи го задолжителното носење заштитни маски во јавноста.
Министерството соопшти дека денеска во Полска се пријавени уште 809 случаи на коронавирус, со што вкупниот број заразени достигна 50.324, а починати се 1.787 лица.
– Во Кина се регистрирани 37 нови случаи на коронавирус, од кои 27 се пренесени локално, а повеќето се пријавени во провинцијата Ксинџијанг. Во Кина се идентификувани 14 нови асимптоматски случаи. Од почетокот на епидемијата се регистрирани 84.565 случаи на коронавирус, а починале 4.634 лица.
– Во Перу се потврдени 7.785 нови случаи на коронавирус, што претставува најголем број случаи пријавени за еден ден од почетокот на епидемијата, соопшти Министерството за здравство на таа земја. Така, вкупниот број на пациенти се зголеми на 455.000 лица. Регистрирани се 194 смртни случаи за 24 часа, вкупно 20.424.
– Вкупниот број заразени со новиот коронавирус во Африка надмина еден милион, изјавија денеска официјални лица, а експертите веруваат дека тој број е неспоредливо поголем поради недостиг од тестови. Најголем број заразени лица има во Република Јужна Африка. На почетокот на епидемијата, од 53 африкански земји, само две ја имаа потребната опрема за тестирање и доволен број тестови, а сега, иако сите се опремени, проблемот со тестовите е повторно присутен.