Жители од косовското село Карачево и неколку други населени места на границата со Србија, одржаа денеска протест, откако минатиот петок, на 7 август, патрола на српската жандармерија влезе на косовска територија во таа област, јави дописникот на МИА од Приштина.
Демонстрантите побараа од косовските власти, но и од меѓународните безбедносни сили, НАТО и КФОР, да ги спречат таквите „инциденти и провокации” од страна на Србија.
Покрај косовското и американското знаме, тие носеа транспаренти со пораки „Косово нема земја за подарување”, „НАТО/КФОР благодариме за целосната поддршка”, „Србија доста со провокации кон жителите на Република Косово” и слични.
Селвер Лењани, еден од организаторите на протестот, го повика републичкото Собрание да донесе резолуција за заштита на територијата на Косово, а од надлежните институции побара поголема грижа за населението во тој дел од државата.
Неколкуте десетици учесници на протестот извесно време го блокираа регионалниот пат Карачево – Каменица.
Денеска Комисијата за безбедносни и одбранбени прашања при Собранието на Косово побара мобилизација и единство на сите политички партии во врска со инцидентот и одлучи да се организира заедничка посета на Карачево.
По бурните реакции кои уследија во косовската јавност откако беа објавени снимки на српската патрола во селото, КФОР објави дека се работело за заедничка активност која била усогласена со српската војска.