Интегрално соопштение од Народна банка и Фондот за осигурување на депозити за „Еуростандард банка“
„Денес, 12 август 2020 година, Народната банка, постапувајќи согласно со Законот за банките, ја укина дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка” АД Скопје. Укинувањето на дозволата се должи на неисполнување на минимални законски услови за работење на банка.
Депозитите на граѓаните во „Еуростандард банка” АД Скопје кои согласно со Законот за Фондот за осигурување на депозити се осигурени ќе бидат обесштетени од Фондот за осигурување на депозити (ФОД), во износ до 30.000 евра по лице. Од ФОД ќе бидат обесштетени депозитите на 99,4% од физичките лица – депоненти во „Еуростандард банка” АД Скопје.
Исплатата од страна на ФОД ќе започне во рок од 20 дена, согласно со Законот. Вкупниот износ на депозитите на физички лица кои ќе бидат обесштетени изнесува околу 4,4 милијарди денари (со состојба на 31 јули 2020 година). ФОД располага со доволен обем на средства и исплатата на депозитите ќе се спроведе навремено.
Учеството на „Еуростандард банка” АД Скопје во вкупната актива, вкупните депозити и вкупните кредити на банкарскиот систем, со состојба на 30 јуни 2020 година е само 1,3%, 1,7% и 1,6%, соодветно, и со тоа воопшто не ја доведува во прашање стабилноста на банкарскиот систем.
Банкарскиот систем е и останува стабилен и добро капитализиран, со висока ликвидност.
Потврда за ова се податоците за банкарскиот систем со состојба на 30 јуни 2020 година:
Стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем забележа натамошен раст и е во рамки на историскиот максимум, 17%. Таа е повеќе од двојно повисока од законскиот минимум. Со изземање на „Еуростандард банка” АД Скопје, адекватноста на капиталот на системот се зголемува и изнесува 17,2%. Кај сите други банки, стапката на адекватност на капиталот е во распон од околу 14% до 22%, односно кај најголем дел е двојно повисока од минималното законско барање, што е од клучно значење за стабилноста и на одделните банки и на банкарскиот систем во целина.
Сите други банки во првата половина од оваа година работат со добивка и ликвидноста ја одржуваат согласно супервизорските стандарди (околу 30% учество на ликвидна актива во вкупна актива на банкарскиот систем). Со изземање на „Еуростандард банка” АД Скопје, со оглед на загубите во нејзиното работење, кај финансискиот резултат на банкарскиот систем се забележува подобрување за речиси 21%.
Нефункционалните кредити се одржуваат на историски ниско ниво од 4,7%, при што кај најголем дел од банките има нивно намалување. Со изземање на „Еуростандард банка” АД Скопје, нивото на нефункционалните кредити на банкарскиот систем е значајно помало и изнесува само 3,7% од вкупните кредити.
· Во изминатиот период, заради поголема изложеност на ризици, „Еуростандард банка” АД Скопје беше под засилен теренски и вонтеренски супервизорски надзор. Народната банка постојано изрекуваше мерки со кои бараше „Еуростандард банка” АД Скопје да ги отстрани слабостите во своето работење, да ја намали изложеноста на ризици и да ги подобри процесите за управување со ризиците, a особено со кредитниот ризик. Притоа, клучно, беа изрекувани и мерки во насока на зголемување на капиталот на „Еуростандард банка” АД Скопје. Клучните проблеми на „Еуростандард банка” АД Скопје се одраз на слабости од минатиот период, а не на тековните состојби.
· Со супервизорско следење, во 2019 година, кај „Еуростандард банка” АД Скопје беше утврден недостиг на капитал (поткапитализираност), поради што Народната банка презеде повеќе мерки, a една од клучните мерки беше барање за докапитализација на „Еуростандард банка” АД Скопје. Преземените обврски за докапитализација за 2019 година беа делумно исполнети, но обврските за потребната докапитализација преземени за првата половина од 2020 година не беа исполнети.
· Неисполнувањето на обврските за докапитализација и брзата и повисока материјализација на кредитниот ризик ја намалија стапката на адекватност на капиталот на „Еуростандард банка” АД Скопје под 2%. Со тоа, согласно со Законот за банките, „Еуростандард банка” АД Скопје е несолвентна. Поради ова, Народната банка, согласно со Законот за банките, во текот на утрешниот ден – 13 август 2020 година, до надлежниот суд ќе достави предлог за отворање стечајна постапка во „Еуростандард банка” АД Скопје.
· Со отворањето на стечајната постапка, се очекува брза и ефикасна наплата на побарувањата на доверителите на „Еуростандард банка” АД Скопје.
· ФОД преку посебно соопштение во медиумите, на својата веб-страница и во јавните гласила ќе ги извести депонентите за датумот на почеток на исплатата на обесштетувањето на осигурените депозити, за банката-исплатувач, односно банките-исплатувачи преку која/кои ќе се врши исплатата на осигурените депозити и за начинот на подигнување на потврдите за сопственост на депозитите.
Информации наменети за физичките и правните лица коишто ги користеле услугите и производите на „Еуростандард банка” АД Скопје се достапни тука.