Ова е двојна игра од страна на Народна банка на Македонија, изјави сопственикот на Еуростандард банка,, Трифун Костовски за Фактор, коментирајќи ја одлуката за затворање на банката.
-Народна банка цела година не држеше под строги мерки и не ни дозволуваше да работиме и да заработиме. Како можеме да ја подобриме состојбата на банката кога Народна банка цела година не држи под строги мерки. Ако не можеш да работиш, не можеш ниту да заработиш за да ја подобриш состојбата. НБМ не прифаќаше ниту еден од нашите предлози за надминување на состојбата и за евентуална продажба на банката. Ако веќе беа решени да не затворат, тоа требаше да го направат уште пред една година, а не за овој период уште дополнително да заглавиме со 15 милиони евра – вели Костовски.
Тој најави прес-конференција во петок во однос на оваа тема.
Попладневно, Народната банка соопшти дека постапувајќи согласно со Законот за банките, ја укинува дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје. Укинувањето на дозволата се должи на неисполнување на минимални законски услови за работење на банка.
Фото: Плусинфо