Mинистерката за финансии, Нина Ангеловска ги демантира вестите во одредени медиуми дек го подигнала штедниот влог од „Еуростандард банка” пред да ѝ биде прогласен стечај.
– Министерката за финансии Нина Ангеловска најостро ги демантира лажните вести дека подигнала штеден депозит од Еуростандард банка, по добиена информација дека банката ќе ја изгуби лиценцата за работење. Сите промени на имотната состојба на министерката се уредно пријавени во анкетниот лист и ги охрабруваме новинарите-истражувачи да ги погледнат датумите на пријавените промени. Потенцираме – промените се направени пред подолг период и јасно може да се увиди дека немаат никаква поврзаност со денешната објава на Народната банка.
Во повеќе наврати беа пласирани лажни вести во обид да го нарушат угледот и репутацијата на министерката за финансии. Очекуваме дека медиумите кои се информатор на граѓаните и кои носат одговорност во вакви ситуации кога пласирале непроверена и неточна информација ќе делуваат навремено и истата ќе ја повлечат, а воедно ги охрабруваме слободно да ги проверат информациите од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), велат од МФ.