Адвокатот Спасе Скорниев од Велес ќе ја тужи велешката полиција, зашто како што тврди, полициски службеник му удрил шлаканица, а друг му ја пцуел сестрата што работи во влада, додека приведен седел на столче во станица, oбјави „Слободен печат“.
Според Скорниев, тој бил приведен зашто додека возел со својот кабриолет на еднонасочна улица пред велешкиот суд, повозрасен човек неколку пати се обидел да ја премине улицата, а на крајот легнал на земја, преправајќи се дека е повреден и дека бил удрен од возилото на Скорниев.
Според Скорниев, шестчасовното приведување било многу непријатно.
– Се изнаслушав еден куп гнасни работи. Ми ја пцуеа сестра ми што работи во влада, ме провоцираа, ме прашаа што ми вредело тоа што знам повеќе јазици, штом сум завршил во станица. Што сум се правел фраер со кабриолетот исто така ме прашаа, а тој е 2.000 евра. Извадив и лекарско за главата, за раката и за забите. Кој ме тепал ќе го тужам и ќе барам 7 милиони евра оштета. Јас сум комплетно психички уништен а и кариерата уште непочната ми е завршена. Кој ќе оди да го брани адвокат за кого цел град зборува дека завршил во станица тепан?, додава Скорниев.