Претседателите на Белорусија и Русија, Александар Лукашенко и Владимир Путин, денеска во телефонски разговор изразија верба дека сите проблеми што се појавија во Белорусија наскоро ќе бидат решени, објави Кремљ.
„Овие проблеми не треба да ги користат деструктивните сили кои сакаат да и наштетат на меѓусебно корисната соработка меѓу двете земји”, се вели во соопштението на Кремљ.
По реизборот на Лукашенко за шеф на државата во неделата, во Белорусија следуваа масовни протести со обвинувања за фалсификување на резултатите.
.Опозицијата во државата подготвува нови масовни демонстрации за денеска.
Светлана Тихановска, главниот противник на Лукашенко на минатонеделните избори, вчера повика на масовни мирни протести во текот на викендот.
Досега се приведени повеќе од 6.700 лица, стотици се повредени, а двајца починаа. Белоруската Влада вчера се извини и почна да ослободува демонстранти.
Протестите избија во Белорусија откако долгогодишниот лидер Александар Лукашенко победи на изборите во неделата. На власт е од 1994 година, Лукашенко, го освои шестиот мандат со поддршка од 80 отсто гласови.
Попладнево луѓе се собраа во главниот град Минск, во спомен на Александар Тарајковски, 34-годишен демонстрант кој почина во понеделникот.
„Марш за слобода” е планиран за утре во централниот дел на главниот град – една недела по победата на 65-годишниот Лукашенко.