Претседателот на опозициската Партија за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас, изјави дека сегашната власт во Србија опстанува затоа што академиците, професорите, новинарите, луѓето од културата и бизнисот молчат и сè што се случува во земјата го прифаќаат „како нормално” .
-Тие молчат за да ги избегнат последиците, не сфаќајќи дека порано или подоцна, на еден или друг начин, злото ќе чукне на нивната врата, изјави Ѓилас за весникот „Данас”.
Лидерот на ССП кажа дека ЕУ реагирала на изборите во Србија, кои тој ги смета за нерегуларни и дека тоа се гледа преку критика на изборите од страна на одредени парламентарни групи во Европскиот парламент и неотварањето нови поглавја во европската интеграција на Србија.
-Прифаќањето на иницијативите на српската опозиција за испраќање специјални комисии за мониторинг на медиумите и владеење на правото од страна на 311 европратеници, десетици написи и текстови низ ЕУ за српскиот режим се само дел од се она што се има случено за само 30 дена после лажните избори, додаде Ѓилас.
Тој нагласи дека на Србија е да покаже дали сака да влезе во ЕУ, „за да може, како и Хрватска”, да добие 22 милијарди евра помош за борба против пандемијата на коронавирус или ќе го следи претседателот Александар Вучиќ „на неговиот пат кон Кина”.
Ѓилас оцени дека предвремените парламентарни избори во Србија веројатно ќе се одржат на крајот на следната година, заедно со изборите за град Белград, со што се демантираат критичарите на изборниот бојкот, кои говореа дека „режимот на Вучиќ ќе остане на власт следните четири години”.
Коментирајќи ги острите критики што претставникот на Србите во Хрватска, Борис Милошевиќ, ги доби за одењето на прославата на 25-годишнината од операцијата „Бура”, Ѓилас оцени дека Србите во Хрватска „имаат право сами да носат одлуки во врска со нивните животи”.