Папата Франциско во неделата побара правда во Белорусија по наводно наместените претседателски избори со кои Александар Лукашенко доби нов мандат и ги поттикна протестите на национално ниво, пренесува „Брејтбарт“.
Ветувајќи молитви за драматичните ситуации во светот што предизвикуваат страдања кај луѓето, понтифот рече дека во неговите мисли е „драгата Белорусија“.
„Внимателно ја следам постизборната состојба во таа нација и повикувам на дијалог, отфрлање на насилството и почитување на правдата и законот. Сите Белоруси ѝ ги доверувам на заштитата на Богородица, кралицата на мирот“, рече папата во неделното обраќање на плоштадот Свети Петар.
Претседателските избори во Белорусија минатиот викенд завршија со нов мандат за Лукашенко, кој освои 80 отсто од гласовите, продолжувајќи го неговото непрекинато 26-годишно владеење.
Во главниот град Минск се одржаа масовни протести против резултатите од изборите, при што демонстрациите брзо се претворија во насилство додека силите на државната безбедност се обидуваа ги задушат немирите.