Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска присуствуваше на централната прослава на Денот на Армијата „18-ти август” која се одржа на Воениот стадион во Градскиот парк.
Во честитката по тој повод премиерот Спасовски истакна дека оваа година, 18-ти август, Денот на Армијата на Република Северна Македонија, синонимот и чуварот на македонскиот суверенитет и државност, го славиме и како НАТО армија. Како армија која е рамноправен член и дел од најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот.
„Членството во НАТО е резултат и заслуга на сите граѓани и на нивните политички претставници кои континуирано во изминатите три децении ѝ даваа поддршка на исполнувањето на оваа наша стратешка определба. Голем придонес дадоа сите денешни и поранешни припадници на Армијата. Членството дојде со тридецениската посветеност и со максимално вложениот труд за да се исполнат и одржуваат високите стандарди на алијансата за да можеме достоинствено да го гледаме издигањето на македонското знаме покрај знамињата на најмоќните 29 земји членки на алијансата и да бидеме горди затоа што припадниците на нашата Армија се посакуван партнер во мисиите на НАТО. Армијата на нашата земја остана блиска и сплотена со својот народ и тоа го потврдува секое испитување на јавно мислење кое редовно покажува дека Армијата е меѓу институциите во кои граѓаните имаат највисока доверба”, потенцира во честитката премиерот Спасовски.
Тој акцентираше дека и во овој период на тешки околности заради пандемијата на КОВИД-19, припадниците на Армијата се со народот за да го помогнат спречувањето на ширење на коронавирусот. Се секаде каде што е потребна поддршка. На границите, во заразените подрачја, им помагаа на граѓаните во карантините, на загрозените семејства, го помагаа одржувањето на јавниот ред. Армијата докажа и спремност во помагањето и расчистувањето со елементарни непогоди, со поплавите во ресенско, со пожарите во велешко.
„Оваа подготвеност на Армијата докажа дека беа потребни и оправдани реформите и промените што беа спроведени во изминатите три години. Како резултат на спроведените политики, во Армијата денеска платата и приходите на нејзините припадници се достоинствени. Денес војниците не се грижат за станбеното обезбедување и за дневници, туку за новите вежби од светски ранг кои ги планираат и вежбаат заедно со своите колеги од НАТО армиите. Ја подмладивме Армијата со дополнителни 700 припадници, дел војници, а дел млади офицери, и за прв пат во Законот за служба обезбедивме подеднакви услови за пензионирање како и за полицијата”, потенцира дел од достигнувањата премиерот Спасовски.
„На сите припадници на нашата Армија им го честитам Денот на Армијата и им посакувам да продолжат со посветената работа и со успех да го украсуваат сојузништвото со нашите сојузници во НАТО”, истакнува на крај премиерот Спасовски.