НАСА веќе неколку години активно следи една необична аномалија во магнетното поле на Земјата. Се работи за поголема област со помал магнетен интензитет на небото меѓу Јужна Америка и Африка.
Овој феномен, наречен Јужно-атлантска аномалија (ЈАА), со години ги збунува научниците. Сателитите се особено чувствителни на ослабената јачина на магнетното поле во рамки на аномалијата, зашто поради тоа тие се поизложени на честички од Сонцето, пишува списанието „Сајенс алерт”.
ЈАА генерално не влијае на животот на Земјата, но има ефект врз движењето на сателитите и вселенските летала, вклучително и на Меѓународната вселенска станица. Кога вселенското летало поминува низ аномалија, нивните технолошки системи може да се соочат со дефект доколку бидат погодени од високоенергетски протони.
Се смета дека основниот извор на аномалијата е вител на стопено железо во јадрото на Земјата. Движењето на оваа метална маса создава електрични струења кои обликуваат магнетно поле околу Земјата и, се чини, тоа не е секаде исто.
Иако ова е сè уште голема мистерија за научниците, неодамнешните истражувања понудија некои увид во причините и последиците од оваа необична појава. Така, на пр., НАСА во 2016 година објави труд каде што се открива дека аномалијата полека се движи во северозападна насока.