Во пожарот што изби на товарниот брод во сопственост на грчка бродска компанија, додека пловел во Арапското море, загина еден морнар, повреден е уште еден, а и двајцата се грчки државјани.
Министерот за поморство и островска политика на Грција Јанис Плакиотакис во интервју за грчката телевизија „Скај” рече дека од 18 членови на екипажот, пет се Грци, а меѓу нив и загинатиот и повредениот морнар.
-Пожарот е изгасен, сега, членовите на екипажот се обидуваат, доколку можат, одново да ги стават во функција моторите, секако дека се бара и помош. Но, бродот се наоѓа 550 наутички милји од брегот на Оман. Бродот што е најблиску до нив е брод на американската воена морнарица и е на 650 наутички милји. Бродот, всушност, во овој момент плови сам, рече Плакиотакис .
Карго бродот „Фанеромени” што плови под грчко знаме од Обединетите Арапски Емирати кон Северна Африка, е празен, односно без товар, а засега се непознати причините за пожарот.