Барселона по срамниот пораз од Баерн во фудбалската Лига на шампионите (2:8) го отпушти експресно тренерот Кике Сетиен и го назначи за нов шеф на стручниот штаб Роналд Куман.
Педесет и седумгодишниот легендарен холандски стратег кој е и актуелен селектор на репрезентацијата во својата земја, потпиша двегодишен договор со тимот „Камп Ноу“. Тој се враќа во Барселона каде беше играч и ја почна тренерската кариера, по точно две децении. Куман по постигнатиот договор со Барселона ќе ја напушти селекторската функција во Холандија.
Куман играше за Барселона од 1989 до 1995 година и се прослави со победничкиот гол во финалето на Купот на европските шампиони во 1992, со кој ѝ ја донесе првата европска титула. Првите тренерски обврски Куман ги имаше токму на „Камп Ноу“, каде почна како асистент во периодот од 1998 до 2000. Меѓу клубовите што ги предовдел се Ајакс, Бенфика, ПСВ, Валенсија, Саутемптон и Евертон.