Во домот за стари лица „Папагеоргиу” на Светата Митрополија во западниот дел на Солун, потврдени се 22 позитивни случаи на Ковид-19, од кои 15 кај лица згрижени во домот и седум кај персоналот. Одговорниот од домот за стари лица, свештеникот Георгиос Милкас рече дека сите 15 заразени се на возраст од околу 80 години имаат благи симптоми и се хоспитализирани во три солунски болници, додека пак седумтемина вработени се во домашна изолација.
Во конкретниот дом има вкупно 75 лица, од кои 45 згрижени стари лица, а останатите се персонал.
Ова е втор случај на ширење на коронавирусот во дом за стари лица во Солун во период од една седмица, откако минатиот вторник беа потврдени 36 позитивни случаи на Ковид-19, а починаа шестмина од заразените.