Средношколците бараат комбинирана настава или ќе бојкотираат

Средношколците се мобилизираат против начинот на реализација на новата учебна година. Бараат комбиниран модел и тврдат дека не биле вклучени во носењето на одлуката, велат од Сојузот на средношколци. Дали ќе ја бојкотираат наставата ќе се знае в сабота за кога е закажан состанок на претставници од 17 градови.

-Одлуката за онлајн-настава според нас е скандалозна. Ниту учениците ниту родителите беа консултирани пред нејзиното донесување. Особено што ова се направи на 11 дена пред 1 септември, кога нема ниту доволно време за подобрување на ИКТ-вештините на наставниците.  Останува да видиме дали ќе имаме бојкот на наставата од први септември или ќе организираме протести за оваа одлука. Во моментов немаме унифицирана одлука за протести или за бојкот, вели Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколците на Македонија, единствено такво тело во земјава.

В сабота, 51 претставник од 17 града во земјава ќе одлучат како ќе реагираат против одлуката за онлајн-настава.

Од Сојузот велат дека надлежните три месеци не направиле ништо за подобрување на онлајн наставата, но и за безбедно враќање во училишните клупи.

Според истражувањето што го направиле членовите на Сојузот на средношколци, само 7,9 отсто од учениците сметаат дека онлајн наставата е целосно ефикасна, а 59 отсто од нив рекле дека не секој има доволен пристап до потребната опрема, додека, пак, огромни 84 отсто побарале полесен пристап до услугите за ментално здравје коишто ги нудат училиштата.

Треба да знаете
Последни објави