Шведска ги олеснува мерките против пандемијата на коронавирусот

Шведска планира да ги олесни правилата донесени поради пандемијата на коронавирус за да им овозможи на повеќе луѓе да присуствуваат на културни и спортски настани.

Доколку тие се организираат на таков начин што ќе го спречат ризикот од ширење на новиот коронавирус, соопшти шведската влада.

Шведска ги ограничи јавните собири на 50 лица во март за да спречи ширење на вирусот, оневозможувајќи ги театрите, фудбалските клубови и организаторите на концертите да соберат приходи од граѓаните, потсетува „Ројтерс“.

Сепак, како што се намалува бројот на новозаразени и починати од последиците од Ковид-19, владата објави дека планира од 1 октомври да воведе исклучоци од максимално дозволените 50 лица за настани на кои е можно да се осигура дека луѓето ќе бидат оддалечени два метра.

Министерот за внатрешни работи Микаел Дамберг рече дека владата е свесна дека многу сектори се погодени од рестриктивните мерки.

„Треба да се осигураме дека правилата за јавни собири не влијаат непотребно на настани што можат да се одржат а да се избегне ризикот од инфекција“, рече Дамберг.

Владата соопшти дека ќе побара од Агенцијата за јавно здравје да изготви стратегија за одржувањето на настаните да биде безбедно и да предложи горна граница на бројот на луѓе што можат да се соберат на едно место.

Владата, исто така, рече дека планира да олесни некои правила за ресторани и кафулиња каде што се одржуваат уметнички програми.

Пандемијата се закани на спортскиот и културниот сектор, а владата најави дека ќе издвои дополнителни 290 милиони долари за да им помогне на клубовите и театрите.

Треба да знаете
Последни објави