Започнува Европското првенство во танци 2022 – Скопје домаќин на 1800 танчери од 21 земја од Европа

– „По толку години и по короната конечно успеавме да донесеме еден огромен настан во Македонија. Ние едвај чекаме да почнеме со натпреварот. Европско првенство во хип-хоп значи дека најдобрите од најдобрите хип-хопери ќе се натпреваруваат за титулата Европски Шампион. Процесот за да се учествува на едно европско првенство е преку национални квалификации, а потоа најдобрите три од секоја земја доаѓаат во Македонија и се натпреваруваат за титулата Европски Шампион. Организатори на Европското првенство се танцовите клубови „Eat the Beat“ и „Break-A-Leg“ од Скопје, односно јас, Трајче Петковски и Илија Карадакоски од „Eat the Beat“. Позади нас стојат стотина луѓе, кои се вклучени во организацијата. Навистина се работи за една сериозна организација на првенство, на коешто за 1.800 натпреварувачи, во тие четири натпреварувачки денови, до минута е одредена една саатница во којашто се натпреваруваат. Ова ќе биде една ексклузивна можност за сите од Македонија да уживаат во натпреварувањето и да гледаат едни врвни кореографи. И ако ние не можеме да патуваме надвор во Европа, Европа конечно може да дојде кај нас и Македонците да уживаат во одличните танцови перформанси,“ изјави Трајче Петковски, на денешната прес конференција по повод Европското првенство во танци 2022 (IDO European Hip-Hop & Boogie Championships), кој воедно е и организатор на првенството.

 

Во наредните неколку дена, започнувајќи од 02.07.2022 (сабота), па сѐ до 05.07.2022 (вторник), Европското првенство во танци 2022, со добра причина ќе ги обедини најдобрите танчери од Европа во пријателска атмосфера, каде што секој може да дојде и да ужива во магијата на хип-хоп танците, како и да се восхитува на спектакуларните изведби на талентираните танчери.

 

„По толку долго време со пандемијата и без танцување, танчерите со нетрпение го очекуваат она кое следи тука во Скопје, а имаме навистина многу натпреварувачи кои доаѓаат од многу земји од цела Европа, со цел да бидат дел и да учествуваат во овој натпревар. Ова е прво големо првенство кое се оддржува по пандемијата, и навистина едвај чекаме првенството да започне. Имам дојдено претходно тука, и сум била и сум сведок на одличната организација,“ изјави Кирстен Дан Јенсен, Генерален секретар на IDO.

 

На првенството кое ќе се оддржи во Ист Гејт Мол и СЦ Јане Сандански, голем број танчери од 21 држава во Европа, ќе ја претстават својата земја на сцената во склоп на натпреварувањето, трудејќи се да се рангираат што подобро.

 

„Многу е едноставно, – имате национални IDO членови, ги прават квалификациите дома, потоа ги селектираат најдобрите можни танчери во соло и дуо формации и групи, – и ги праќаат на Европското првенство во танци. Секако, ги нема сите земји и места, доста е лимитирано, па затоа е голем престиж да се дојде во Скопје во Македонија и да се биде дел од ова прекрасно Европско првенство, бидејќи само најдобрите танчери од европските земји можат да бидат дел од сето ова. Како претставници на IDO, многу ни е драго што конечно сме тука и што Скопје е гостин на ова првенство, бидејќи отсекогаш имало супер танчери кои носеле европски и светски титули дома. Затоа, чест ни е што сме тука, а вие имате сѐ како земја. За нас ова претставува нов дел од светот којшто треба да го видиме, да уживаме во него и сигурна сум дека ќе се вратиме повторно овде,“ изјави Фиона Џонсон, Спортски директор на IDO.

 

Скопје, како домаќин на Европското првенство во танци 2022, ќе го спои талентот на бројни танцови уметници и кореографи од цела Европа, со цел споделување на најдоброто од хип-хип културата со публиката на најдобриот можен начин, – танцувањето.

 

„Би сакал да ги поздравам моите драги Македонци и пред сѐ Трајче Петковски и да им честитам што донесоа ваков феноменален настан овде во Скопје во Македонија, како и што му направија една голема услуга на целиот регион, бидејќи по правило навикнавме да патуваме и во Австрија и во Данска и во Шведска и на други места. Сега овде во центарот на Источна Европа е донесен еден одличен натпревар со скоро 2000 натпреварувачи од 21 земја, кое е нешто најдобро кога се работи за хип-хоп, буги, попинг, ќе бидат токму овде во Скопје и треба да сте горди на овие прекрасни луѓе. Ние ќе уживаме во феноменалното добредојде кое се чувствува на секој чекор. Големо е задоволството да се биде тука и се надевам дека ќе дојдете во голем број во халата во СЦ Јане Сандански со цел заедно да го проследиме ова натпреварување,“ изјави Предраг Катаниќ, Модератор на првенството.

 

„Прв пат сум во Скопје, и веќе ги посетивме локациите кадешто ќе се оддржи првенството и навистина сме среќни што бевме сведоци на како сѐ е организирано. Морам да напоменам дека најважното нешто за нас, официјалните судии и целиот тим, е што организацијата пред самото првенство е на навистина високо ниво,“ изјави Крис Петељак, Официјален судија на IDO / Германија.

 

Европското првенство во танци 2022 има за цел да понуди препознатливи настани како места за меѓусебно запознавање и поврзување на уметниците, како и да се воспостават корените на модерна платформа, којашто би ги поддржала младите, кои сакаат да се изразат на поинаков начин, но и да се едуцираат користејќи свој личен потпис и танцови движења, славејќи го танцот како најуниверзалниот јазик во светот за споделување на културите од целиот свет.

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави