Данската влада денеска соопшти дека шефот на надворешната разузнавачка служба на земјата (ДДИС) е привремено „ослободен од должноста“ откако независно тело за контрола остро ја критикуваше агенцијата за намерно задржување на информациите и за кршење на данските закони, пренесува „Ем-ес-ен њуз“.
Ларс Финсен го презеде кормилото на данската разузнавачка служба во 2015 година, а ја водеше домашната разузнавачка служба од 2002 до 2007 година. Двајца други високо позиционирани вработени во ДДИС, кои не беа идентификувани, се ослободени од своите должности во агенцијата, која е исто така е одговорна за военото разузнавање.
Данскиот одбор за надзор на разузнавањето, независно тело кое ги следи агенциите за шпионирање на Данска, соопшти дека надворешната разузнавачка служба премолчувала клучни информации и им давала неточни информации во врска со нејзината работа.
Одборот соопшти дека ДДИС иницирала операции спротивни на данскиот закон и собрала и споделила значително количество информации за данските граѓани. Во кусата изјава денеска, данската министерка за одбрана, Трин Брамсен, не кажа зошто се суспендирани тројцата вработени.
„Апсолутно е важно да можеме да имаме доверба дека нашите разузнавачки служби делуваат во рамките на нивните овластувања“, рече Брамсен.
Таа додаде дека не смее да постои сомнеж дали разузнавачките служби тесно соработуваат со телата за контрола и надзор.
Данската војска последниве неколку месеци беше во центарот на скандали во кои беа вклучени високи офицери кои фаворизирале роднини. Данска има две разузнавачки агенции, ДДИС и домашната данска служба за безбедност и разузнавање, позната под акронимот ПЕТ.