Заев во среда ќе го предложи составот на новата влада, гласање во недела

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во среда до Собранието ќе го достави составот на новата влада и предлог-програмата за работа во следните четири години, објави ТВ21.

Заев претходно најави дека дека ќе го поднесе предлогот за влада откако пратениците кои треба да бидат министри ќе поднесат оставки, ќе бидат верифицирани мандатите на тие што ќе ги заменат и биде донесена одлука за бројот на потпретседатели на Собранието.

Претходно и Али Ахмети, лидерот на ДУИ најави дека нема да има кадровски промени во предложената листа за министри и покрај неколкуте барања кои ги имало во партијата.

Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре закажа седница на која треба да биде утврден бројот на потпретседатели, а се очекува и констатирање на оставки на пратеници кои се на листата на Заев за составот на новата влада. Оставка од пратеничката функција поднесе и Фљорин Бесими, брат на Фатмир Бесими, кој е предлог на ДУИ за министер за финансии.

Како што објави Телма, пак, седницата за избор на Владата, според неофицијални информациисе планира да биде закажана за в сабота,  што значи дека според Деловникот таа би требало да биде изгласана во недела на полноќ.

Треба да знаете
Последни објави