Еко-свест најстрого ги осудува последните случувања со катастрофалното уништување на реките во државава за изградба на мали хидроелектрани. Последен ваков случај за кој, како што велат, реагираа и многу жители на Скопје е уништување на горниот тек на Маркова река заради изградба на мала хидроелектрана.
„ Во услови кога последиците од климатските промени зачестуваат и се зголемуваат во интензитет, ние како земја во развој која нема финансиски средства да се справи со овие последици едноставно не можеме да си дозволиме да останеме без водените ресурси од кои зависиме за вода за пиење, вода за земјоделието и вода за одржување на скапоцени екосистеми“ вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест. Последниот извештај на Обединетите нации за влијанието на климатските промени врз водените ресурси од март 2020 година укажува на проблем со се позачестени и продолжени сушни периоди кои веќе предизвикуваат сериозен недостиг на вода во многу делови од светот. Според овој извештај дури 2,2 билиони луѓе во светот денес немаат пристап до вода за пиење, а се очекува овој број забрзано да расте до 2050 година. ООН предупредува и дека продолжените сушни периоди ќе предизвикаат зголемување на болести, недостиг на храна и раселување на населението. Токму затоа се препорачува државите да ги приоретизираат водените ресурси во планирањето на сите политики.
„Според проценките за климатски екстреми во нашата земја направени за потребите на третиот извештај за климатски промени кој треба да го поднесеме до Рамковната конвенција за климатски промени, во периодот помеѓу 2016- 2035 година температурите во земјава ќе растат за 1°C, а летните денови ќе се зголемуваат за 20 – 30 дена. Ова значи дека ќе имаме потопла и посува клима со зголемен ризик од продолжени сушни периоди“ предупредуваат од Еко-свест.
Оваа летна сезона сведочиме и на драстично повлекување на Преспанското езеро, како и пресушување на многу од реките во земјата, а земјоделците се соочени со потешкотии поради периоди на продолжена суша во услови на зреење на плодовите кога водата е најпотребна за да се добие производ со добар пласман, додаваат оттаму.
„ Дополнително, изградбата на овие проекти во недопрени и природни предели со повеќе од познатата лоша градежна пракса, ја уништуваат геоморфологијата на реките, биодиверзитетот, природните вредности и екосистемските услуги кои овие предели ги овозможуваат за луѓето (чист воздух, чиста вода за пиење). Во нeдостиг од инспекциска контрола и надзор, овие зафати стануваат чести мини еколошки катастрофи низ земјата. Сметаме дека во вакви услови очигледно е дека изградба на мали хидроелектрани е неразумно и неоправдано бидејќи во блиска иднина ние ќе се соочиме со хидроелектрани на суви речни корита. Владата мора да ја стави заштитата на водените ресурси и здравјето на граѓаните како висок приоритет во мерките за прилагодување на климатските промени и да ги запире сите градежни активности на издадените концесии за мали хидроелектрани во земјава кои би требало да се повлечат и да се направат нови проценки за нивниот потенцијал за електрична енергија согласно најновите податоци и најновите климатски услови“ се вели во реакцијата на Еко-свест.