Франција смета дека станува збор за „кривично дело” во однос на случајот на рускиот опозиционер Алексеј Навални, кој според германските лекари е жртва на труење, и побара од руските власти „брза и транспарентна истрага”, јави дописникот на МИА од Париз.
– Франција ја искажува својата длабока загриженост за ова кривично дело извршено против голем играч во рускиот политички живот, изјави заменик-директорот за медиуми во Министерството за надворешни работи.
Тој додаде дека е „суштинско руските власти да спроведат брза и транспарентна истрага што овозможува да се утврдат околностите во кои е направен овој акт”.
Париз смета дека „оние што се одговорни за овој чин треба да бидат идентификувани и изведени пред лицето на правдата” и дека на опозиционерот, како и на неговите блиски треба да им се обезбеди „поддршка во овие тешки околности”.
Непосредно пред тоа, Кремљ го критикуваше избрзувањето на германските лекари кои заклучија дека Навални е отруен.
Навални се уште се наоѓа во индуцирана кома на Одделот за интензивна нега и неговата состојба е сериозна, но животот не му е загрозен.
Лекарите во болницата „Шарите” во Берлин одбиле да направат каква било прогноза за еволуцијата на неговата здравствена состојба.