Коалиција „Менуваме” предлага протоколи за комбинирана настава во училиштето за ученици со оштетен вид „Димитар Влахов” 27 август 2020 

Коалицијата МЕНУВАМЕ будно ја следи настанатата состојба со пандемијата Ковид-19, особено во сферата на образованието, посебно на актуелната состојба со релевантните фактори кои се одговорни и кои што треба да се грижат за образованието, здравјето, сигурноста, социјализацијата и правата на лицата со посебни потреби во кои што припаѓаат и визуелно хендикепираните ученици и кои што своето образование веќе 66 години го стекнуваат во ДРЖАВНОТО УЧИЛИШТЕ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ СО ОШТЕТЕН ВИД – ДИМИТАР ВЛАХОВ во Скопје. Следејќи ги искуствата кои што се добиваат од околните и европските сродни училишта и институти, преку воспоставената соработка на НВО од Европските држави, коалицијата МЕНУВАМЕ подготви предлог протоколи за изведување на настава со комбиниран метод во ДРЖАВНОТО УЧИЛИШТЕ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ СО ОШТЕТЕН ВИД – ДИМИТАР ВЛАХОВ во Скопје , ОН ЛАЈН  и ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО.

            Протоколите се плод на многу размислувања, разговори, согледување на негативните и позитивните страни на протоколите и методологијата на нивните изработки се базираше на следните факти:

1.      Учениците се недвосмислено јасни за физичко присуство.

2.      Со оглед на тоа дека во училиштето има ученици со комбинирани оштетувања, пред се од здравствен аспект, тие ученици треба да се одделат и за нив да се подготви ОН ЛАЈН изведба на наставата а останатите да бидат физички присутни.

3.      Физичкото присуство е образложено во претходните соопштенија на коалицијата МЕНУВАМЕ во врска со пандемијата.

4.      Коалицијата МЕНУВАМЕ како партнер од невладиниот сектор упорно чекаше решение за проблемот, но сеуште го нема и се одлучи на ваков начин да допринесе за брзо и ефикасно решение.

ПРОТОКОЛИ

КОИ ШТО ТРЕБА ДА СЕ ПРИМЕНАТ ВО ДРЖАВНОТО УЧИЛИШТЕ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ СО ОШТЕТЕН ВИД – ДИМИТАР ВЛАХОВ

Училиштето функционира како целина која што е составена од неколку сегменти кои што секоја за себе преставува целина и не зависи од другите сегменти.

1.      ИНТЕРНАТ

Коалицијата МЕНУВАМЕ предлага на МОН и министерот за образование и наука во врска со интернатот да го стори следното: Сите ученици кои до сега беа регистрирани како ЕКСТЕРНИ да им одобри престој во интернатот со платени трошоци а тоа се оние кои ќе следат настава со физичко присуство. На секои 2 недели родителите да ги земаат своите  деца во петок и да ги вратат наредниот понеделник. Со тоа учениците ќе бидат 100% безбедни од можност за заразување, многу посигурни отколку ако секој ден патуваат од дома до училиштето и назад. До сега родителите престојуваа во училиштето и ги чекаа своите деца. Друга добра страна е што и тие ученици ќе ја  имаат воспитната компонента  како и искуството во другарувањето, живот во колективна заедница со сите другарчиња, развивање на нивните психосоцијални потреби и навики, учење на ориентацијата и мобилноста во просторот , предмет кој што исклучиво се учи по наставните часови (тогаш обично учениците си одеа дома и ги пропуштаа тие часови) и предмет кој што е извонредно важен за нивната социјализација, добивање самодоверба и можност  да се движат самостојно и безбедно. Инаку, родителите ги носеа држејќи ги за раце и со тоа децата стануваа зависни од некого.

Понатаму, бенефит при престојот во интернатот е што ќе имаат можност преку организирана воспитна настава да ги завршуваат дадените таканаречени “домашни задачи” со помош на воспитувачите во интернатот. Тоа повлекува и можност предметните наставници да бараат повеќе од учениците  преку давање на тие “домашни задачи” а тоа значи и поквалитетна настава и поквалитетно учење, како и поголема одговорност на учениците кон наставата.

Во интернатски услови тој целоживотен процес на слепото и слабовидото дете се однесува на развиток, обликување, учење и прилагодување на социјално релевантни форми на доживување  и однесување како на пример перцепции, мислења, ставови, сфаќања, обичаи, навики, вредности како и другарувањето во околината во која што живее, конкретно сега во интернатот. Слепите и слабовидите ученици генерално живеат во еден свој свет, замислен како таков  и  мечтаат многу повеќе од обичните деца. И се поставува прашањето: Какво е значењето на социметрискиот статус на визуелно хендикепираните ученици во ученичкиот колектив со нивно екстерно присуство, во нивните обрзовно-воспитни постигнувања мерени низ социо-емоционални, интелектуални и академски показатели?  Еве го одговорот преку статистички показатели кои констатираат дека учениците се социјално изолирани и во последните дваесеттина години приближно 20- тина % од учениците во основните училишта НЕМААТ пријатели. Кај учениците со визуелен хендикеп, верувајте, тој процент е многу поголем, на ниво на фрапантност.

А) Сместувачкиот капацитет на училиштето е 25 соби со по три кревета. Предвидено е да бидат сместени околу 30-тина ученици , што  остава можност да бидат сместени по 2 ученика во секоја соба, што е сосема доволно за да се исполнат условите за безбедност.

Б) Хигиената и дезинфекцијата се одговорност на сите  во интернатот, треба да се прави проветрување, дезинфекција  на спалните соби по нивното напуштање  за време на наставата, тоа е 7.30 наутро. По завршување на часовите, учениците влегуваат во собите и  следното проветрување и дезинфекција е за време на ручекот по 13 часот. Третото дезинфицирање е во 19 часот кога учениците се подготвуваат за вечера. За сето ова треба да се обезбеди соодветна хигиено-техничка подршка во смисол на хигиеничарка, средства и просторија за нивно чување. Хигиената и миењето на рацете на учениците е обврска на воспитувачите и негователките преку воспитната работа да се научат учениците редовно да употребуваат средства за дезинфекција кои ќе бидат поставени на фиксно одредени места кои ќе бидат заштитени од доменот на учениците.

2.      УЧИЛИШТЕТО

         НИЖИТЕ ОДДЕЛЕНИЈА

Со оглед на фактот дека во нижите одделенија бројот на ученици е мал, постои реален начин  на можност за држење на сигурна дистанца. Учениците  се и досега по еден на училишна клупа и протоколите за одржување на хигиена не се проблем. Во испомош треба да е еден воспитувач и една негователка.

      Часовите да бидат во време траење на 30 минути со одмор од 5 минути меѓу првиот и вториот час и 10 минути меѓу вториот и третиот кога ќе се направи потребната  дезинфекција на користените наставни помагала и проветрување на училниците од страна на одделенскиот наставник. Истото се повторува и после наредните 2 часа и така натаму до крајот на наставниот ден.

      Ужинката се дава во секое оделение , нема одење во менза. Хигиеничака ги собира отпадоците и ги фрла надвор од училиштето. Ужинката ја носи негователката за сите ученици.

         ВИШИТЕ ОДДЕЛЕНИЈА

Учениците се и таму во мал број и за сите е обезбедена засебна клупа. Часовите траат 30минути и одморите  се исто предвидени да бидат како кај нижите, освен што тука има кабинетска настава и доаѓа до размена на училници. Тука се предвидува  со помош на одговорниот наставник учениците да се спроведат до соодветниот кабинет  и наставникот да се врати назад во својот. Така се обезбедува учениците да немаат контакти со други предмети и слично со што се обезбедува 100%- на сигурност. Користењето на ужинката е исто како и кај нижите одделенија. Процедурата на дезинфекција и проветрување на училниците е иста како и кај нижите одделенија.

         СРЕДНОТО УЧИЛИШТЕ

Учениците од средното училиште ги имаат истите услови како и учениците од           вишите одделенија и кај нив има предмет практична настава. Одговорниот наставник треба да обезбеди соодветна процедура на обука на учениците. Користењето на заштитна опрема е обавезна  како и максималната дезинфекција и одржувањето на хигиена. Менувањето на кабинетите тука ќе биде со временско растојание во зависност од местоположбата на кабинетот. Нивото на личната хигиена ја контролира одговорниот наставник. Времетраењето на часот е ист, одморите се во исто време траење и примената на дезинфекција врз наставните помагала е иста како и кај останатите одделенија. До сега немаше организирана ужинка за среdното образование, но сега овие ученици се во интернатско сместување и за нив ќe следи ужинка и таа ќе се дели после 4-от час како и кај сите ученици.

3.      МЕНЗАТА

Во мензата се изведуваат 3 оброка. Првиот е во 7 часот и тоа доручек. Вториот оброк е ручекот и е во 13 часот. Третиот оброк е вечерата и таа се изведува во 19 часот. Во паузите меѓу оброците се прави чистење и дезинфекција на мензата од страна на хигиеничарка. Вратата на влезот треба да се затвара после секој оброк заради безбедност.

Влегувањето во мензата се регулира со следниот тајминг:

–          Нижите одделенија од 1 до 5 –то оделение одат на доручек , ручек и вечера 15 минути порано од останатите во придружба на негователка и дежурен наставник. Потоа влегуваат останатите ученици.

–          Во мензата има 20 маси со димензии од 80×80 см што овозможува по два ученика на една маса еден спроти друг.

–          Миењето на рацете се прави во ходникот пред менза на чешми кои треба да бидат исправни  а бришењето на рацете да се прави индивидуално, секој со своја крпа, никако една заедничка. Контролата ја прават негователката и дежурниот наставник.

4.      ФИСКУЛТУРНАТА  САЛА

Во фискултурната сала сите справи и реквизити да се дезинфицираат редовно по завршување на часовите. Подлогата да се чисти после секои два часа кога одморот е 10 минути кога и ќе се проветрува. Претходно треба да се направи генерално чистење на целата сала. Пред влезната врата да се постави паtосница со дезинфекционо средство кое ќе се менува на секои два наставни часа од страна на хигиеничарката. Учениците ќе мораат да влегуваат со исчистени патики.

5.      ДВОРОТ

Минувањето на слободното време надвор од училиштето , во училишниот двор треба да е организирано и контролирано. Да се оневозможи проток на надворешни лица и нивен контакт со учениците. Да се воведе чуварска служба која ќе ги одвраќа непознатите лица. Сите воспитувачи и негователки заедно со учениците да ги обавуваат активностите во дворот.

Дворот и патеките да се исчистат, кантите за смет редовно да се празнат и пред секој влез да се постават патосници натопени со средство за дезинфекција за чистење на чевлите на оние кои влегуваат во училиштето.

6. ОПШТИ  НАПОМЕНИ

Да се посвети особено внимание на дезинфекцијата на оние места во училиштето кои  повеќекратно се допираат, како што се кваките, вратите, чешмите и санитарните чворови.

            Да се воведе дневно дежурство во училиштето од страна на наставниците, по можност да се зголеми бројот на хигиеничарките кои ќе добијат конкретни задачи и дел кој што ќе го одржуваат.

            Максимална хигиена на приборот за јадење, а пред почеток на учебната година приборот термички да се обработи.

            Постелнината, пешкирите за бришење и друг материјал кој што се употребува во текот на денот да се контролира неговата чистота и по потреба веднаш да се замени.

            Обавезно мерење на телесната температура на сите во училиштето.

            Министерството за здравство да се ангажира одговорни медицински лица кое ќе ја контролираат состојбата, ќе превземаат дејанија и ќе известуваат секојдневно за можни промени на состојбата.

      Максимална ангажираност на целиот персонал во училиштето.

Да се одреди точното работно време на секој вработен за секој ден во неделата.

Треба да знаете
Последни објави