Јавното здравје е заштитиено, економијата е одржана, меѓународните перспективи се остварени, спроведени се фер и демократски избори. Преодната Влада во заминување во овој речиси деветмесечен мандат успешно одговори на предизивиците со кои беше соочена и отвори пат за новата влада, изјави на денешната прес-конференција техничкиот премиер Оливер Спасовски.
– Со мене ќе понесам многу корисни искуства од функционирањето на оваа влада, дека во моментот кога ќе прифатиме дека постојат предизвиците и ефикасно ќе ги дефинираме, ние веќе сме отишле до половина пат за нивното решавање. Благодарам на можноста да служам како премиер на Владата во овие девет месеци, изјави Спасовски.
Во само девет месеци, посочи тој, Република Северна Македонија стана члена на НАТО и доби датум за почеток на преговори со ЕУ, до кои, како што рече, се дојде со мудрите и правилни одлуки на претходниот и иден премиер Зоран Заев.
– Почетоците на пандемијата бараа брзи и одлучни чекори. На секој болен му е пружена здравствена заштита, секој граѓанин и во услови на затворени граници доби можност да се врати дома. Работевме и се уште работиме на тоа ниту еден граѓанин да не остане без егзистенција. Ги поддржавме и поддржуваме граѓаните и бизнисите за опстанок преку трите сета бизнис мерки. Се подготвува четвртиот сет мерки со кои ќе биде проширен опфатот на граѓани, истакна Спасовски.
Продолживме, нагласи тој, со тригодишната пракса на спроведување на избори во фер и демократска атмосфера во кој граѓаните направија слободен избор и дадоа поддршка за прогресивната опција.
– Одговоривме на должноста за одржливост и перспективи како преодна Влада преку одржани 82 отворени седници и девет затворени седници на Влада. Три состаноци на економскиот совет, 121 седница на главниот Координативен кризен штаб, изјави Спасовски.
Спасовски, исто така, изрази благодарност до здравствени работници и сите кои учествуваа во успехот на здравствениот систем, како и до полицијата, Центарот за управување со кризи и меѓународните партнери за поддршката во справување со пандемијата.
Изборот на новата политичка влада е закажан на седница на Собранието в сабота на 29 август.