Во медиумите се појави фотографија од документ со лого на Манчестер Сити, за кое не е потврдено дека е официјален, а во кое има понуда од Англичаните за купување на Лео Меси, кој рече дека си заминува од клубот.
Според документот, управата на Граѓаните има поднесено известување до Каталонците дека располагаат со средства да го платат ангажманот на Меси до 200 милиони евра поделени во две трансакции во период од 12 месеци. На сметка на Каталонците да легнат 100 милиони евра ова лето, додека останатата половина во август 2021 година. На почетокот од документот стои датумот 26 август, што значи дека понудата е од вчера.
Од таборот на Сити посочуваат дека ова е единствен начин да се исплати сумата која се бара за капитенот на Барса, но и дека трансферот би бил поскап кога ќе се земат предвид одредени бонуси, како и 20 милиони евра доколку Меси успее да ја освои Лигата на шампионите со тимот предводен од Пеп Гвардиола. Документот завршува со потпис на Тики Бегиристан, спортскиот директор на Сити.
Она што е сигурно е дека Меси сака да си оди, a Барселона нема да го пушти Аргентинецот без пари, иако оштетна клаузула е 700 милиони евра, која нема никој да ја плати.