Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов, посакува „сино-белите” оваа сезона да изборат пласман во АБА лигата.
-Мислам дека имаме компактен и талентиран тим за сезоната што претстои. Очекувам да играме навистина добра кошарка. Верувам во спојот на талент и искуство и навистина очекувам сезона што ќе донесе радост како за сите нас, така и за армијата навивачи и симпатизери кои стојат зад клубот. Моја најголема желба е да го видам МЗТ Скопје Аеродром во АБА-лигата. Покажавме голема константност во АБА2 и домашното првенство изминативе години, меѓутоа тоа што не сме регионални прволигаши ми е голема болка. Само посакувам да сме здрави, првенството да се игра и конечно да го зададеме последниот удар и сликата да биде целосна, а со тоа и нашето оддолжување кон клубот, кој ни дал шанса, биде целосно, изјави Кочов во интервјуто за клупската веб-страница.
Кошаркарите на МЗТ веќе десетина дена се во тренажен процес по паузата поради пандемијата и се во очекување на стартот на македонската Прва лига и во АБА 2 лигата.