Ураганот Лаура, кој метеоролозите го опишуваат како „исклучително опасен” ги погоди САД, при што многу објекти се оштетени, едно гратче е целосно поплавено, а над 400 илјади жители останаа без електрична енергија.
Ураганот Лаура, во еден ден премина од категорија еден во категорија четири, на скала до пет. Во последните неколку часа ослабна до категорија два.
Ураганот вчера го погоди копното во градот Камерон во американската држава Луизијана.
„Катастрофални плимни бранови, екстремни ветрови и поплави веќе се случуваат во делови на Луизијана”, соопшти Националниот центар за урагани.
Ураганот се наоѓа на речиси 50 километри северозападно од езерото Чарлс. Ветровите се со јачина од 250 километри на час, а самиот ураган се движи скоро 25 километри на час. Во текот на следните неколку часови, ураганот се очекува да се пресели во внатрешноста на Луизијана, а потоа да се упати кон север во четврток попладне по локално време.
Повеќе од 103.000 домаќинства во Луизијана и Тексас веќе се без електрична енергија, а во Камерон, каде ураганот го погоди копното, велат дека до петок нема да можат да проценат колкава е штетата поради големите бранови.
„Со ветрови кои дуваат до 220 км на час, ураганот може да предизвика смртоносно пораст на водостојот, потенцијално катастрофални, екстремни ветрови, како и ненадејни поплави”, предупреди претходно Националниот центар за урагани.
.„Ураганот Лаура е многу опасен и брзо станува посилен. Слушајте ги локалните власти. Ние сме со вас”, напиша на Твитер американскиот претседател Доналд Трамп.
Лаура, која вчера беше на 845 км од Луизијана, донесе големи дождови и поплави на Хаити и Доминиканската Република каде најмалку 24 лица ги загубија животите. На Куба, предизвика само материјална штета.