Раководството на Баргала АД Штип, Сојузот на синдикатите на Македонија, НВО „Гласен Текстилец” и претставници на работниците доцна попладнево постигнаа договор по разговарите за состојбата во која се наоѓа компанијата и реакциите на работниците за задоцнетите плати и неисплата на разликата на плата.
Во заедничкото соопштение стои дека на состанокот претседателот на ССМ, Дарко Димовски, Секретарот на Советот на ССМ, Златко Цветковски и претседателот на СТКЧ Љупчо Радовски, заедно со работниците и Кристина Ампева од Гласен Текстилец се договориле со раководството на Баргала АД Штип претставувано од Наум Барзов, Борче Момчилов и Тања Драгалска дека е потребно надминување на состојбата во која се наоѓаат работниците во оваа штипска компанија.
– На средбата беа утврдени неколку можни решенија за надминување на тешката состојба во која се наоѓаат работниците и беа усогласени неколку предлози и тоа: да продолжи редовна исплата на платата на работниците започнувајќи од платата за месец септември до месец март 2021 година, месечно да се исплаќа и разликата на платата која работодавачот не им ја исплатил на работниците за три месеци по 30%, како и разликата на плата од 10%, која била помалку исплатена за месец февруари, со посредство на ССМ, договорено е придонесот за здравствено осигурување да се исплаќа авансно, а со тоа
работниците непрекинато да користат здравствени услуги во наредните месеци се додека не се исплати целокупниот заостанат долг кон работниците од страна на работодавачите, се вели во соопштението.
За овие предлози кои се прифатливи и за работниците и за работодавачите, договорено е да се оствари уште една средба наредниот вторник на која ќе се склучи спогодба помеѓу ССМ и СТКЧ од една страна и Раководството на Баргала АД Штип од друга страна.
Договорено е и со раководството на Баргала АД Штип, да не се преземаат никакви мерки за работниците кои во текот на вчерашниот ден одржаа протест пред влезот на Компанијата, како и во иднина да се почитуваат одредбите од Законот за работни односи и Колективниот договор.
-Сојузот на синдикатите на Македонија заедно со Синдикатот за текстил, кожа и чевли ( СТКЧ ), од самиот почеток на проблемите се заедно со работниците за заштита на нивните права, а на инсистирање на ССМ, беше предвремено исплатена и финансиската поддршка за голем број на текстилни компании, се вели во заедничкото соопштение.