Тетовските фудбалски прволигаши Шкендија и Ренова поминаа во 2. квалификациско коло откако во еден дуел ги елиминираа како гости Сумгаит односно Алашкерт.
Шкендија со гловите Бесарт Ибраими и Љупче Дориев и двата од пенал во второто полувреме го совлада со 2:0 Сумгаит од Азербејџан. Ренова беше поуспешен од ерменски Алашкерт кого го победи минимално 0:1 со голот на Мишковски постигнат во вториот дел.
Кои ќе им бидат противниците во наредната елиминаторна рунда повторно во еден меч, поради пандемијата од коронавирусот ќе дознаат в понеделник кога во Нион од 13 часот ќе биде извршена ждрепката за двојките.
Двете екипи имаат моментално по 35 потенцијални ривали, а кои ќе бидат можните противници ќе биде познато откако УЕФА непосредно пред ждрепката ќе ги подели тимовите во групи од по 10 клуба, во кои пет ќе бидат привилегирани и пет без привилегии.