Јапонскиот премиер Абе одлучил да поднесе оставка

Премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, одлучил да поднесе оставка поради неговата здравствена состојба, со што остави недовршени дел од работите кои им ги вети на граѓаните на Јапонија.

Абе во ноември 2019 година стана премиер на Јапонија со најдолг мандат во историјата, но летово неговата популарност значително се намали поради управувањето со епидемијата на Ковид-19 и серија скандали, во кои првенствено спаѓа апсењето на поранешниот министер за правда.

Светските агенции цитирајќи извор близок на семејството на јапонскиот премиер јавуваат дека Абе решил да поднесе оставка поради неговата влошена здравствена состојба.

Шинзо Абе за прв пат ја презеде функцијата премиер во 2006 година како најмлад премиер во повоената историја во Јапонија, но само една година по стапувањето на должноста, под притисок од политички скандали, тој реши да поднесе оставка, повикувајќи се на здравствени причини.

Пет години по неговата оставка, во 2009 година, Абе ја врати на власт својата конзервативна Либерално демократска партија, а од позиција на премиер тој почна програма за економска консолидација насочена кон надминување на постојаната дефлација, заживување на економскиот раст и спроведување структурни реформи со цел Јапонија подобро да се избори со намалувањето на бројот на населението и стареењето на нацијата.

За време на епидемијата на коронавирусот, Абе беше обвинет за несмасно управување со вонредната состојба и недостиг на политички авторитет.

Агенцијата Јиџи цитираше изјава на Абе во која, меѓу другото, вели дека не сакал да и предизвика проблеми на својата партија со ненадејната оставка, но оти е принуден да се повлече поради неговата влошена здравствена состојба и хроничните болести.

Треба да знаете
Последни објави