Под посебни мерки и протоколи согласно насоките на Комисијата за заразни болести задутре по четврти пат ќе се одржи спортската манифестација „Охрид трчаТ”.
Новонастанатите околности предизвикани од коронавирусот наметнаа посебни услови на организаторите така што оваа година бројот учесници е ограничен на 500 тркачи кои ќе бидат дел од двете трки низ улиците на Охрид. Првата трка е на пет километри и е за атлетичари, но и вљубеници во трчањето, ентузијасти, аматери за сите кои живеат со спортување секој ден, додека другата е полумаратонот на 21 километар и е вистински предизвик и за најподготвените.
Организаторот упати апел до учесниците да ги почитуваат мерките, протоколите и насоките, и на тој начин да демонстрираат одговорност пред себеси и пред останатите. Во таа насока на сите пријавени им е доставен официјален протокол по кој ќе мора да се придржуваат пред и после трката. Пред влезот за старт на главниот настан ќе биде направен и термален скрининг на учесниците.
Инаку, стартот на трките е од 7:30 на 21 односно 8:15 часот на петкилометарската трка, а во тој период в недела додека трае настанот за сообраќај ќе бидат затворени повеќе улици во централното градско подрачје.
Манифестацијата „Охрид трчаТ” е организирана со цел да придонесе за развој на спортската и забавната понуда на Охрид, но и како поттик за економски раст преку развој на спортскиот туризам, проширување на туристичката сезона, промоција на природното и културно богатство на Охрид и Македонија. Истовремено преку настанот се поттикнува социјализацијата кај луѓето, се подигнува и развива свеста за здрави животни навики кај младите, што е препознаено од општеството со поддршката што манифестацијата ја има кај институциите и приватниот сектор.