Како што се вели во пресудата, одлуката се базира врз фактите за
неправедност при водење на судската постапка и неоправдано исклучување
на јавноста од целиот процес како и прекршување на Законот при
сослушување на заштитетниот сведок.
Судот ја задолжи државата да му исплати на Љубе Бошкоски парична
отштета но и исплата на затезни камати во рок од три месеци од
правосилноста на одлуката односно пресудата.
Коментар за пресудата на Судот во Стразбур, даде претседателот на
Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски:
„Ова е за мене лично голема победа и предупредување – ниедна друга
власт во иднина, посебно не извршната така брутално како во режимот на
Никола Груевски да се меша во судската власт.
Сите средства кои ќе ги добијам како отштета за неправедната робија во
Идризoво ќе ги дадам во цели поврзани со правдата.
Очекувам оваа пресуда од Стразбур да ги иницира надлежните македонски
тела кои според договорот со Стразбур мора да спроведат постапка во
Македонија каде ќе бидат вклучени највисоките претставници на судската
власт кои треба да му дадат одговор на Стразбур што е следниот чекор
во однос на оваа пресуда.
Очекувам да иницираат овој монтиран судски процес да биде обновен во
една праведна постапка со ослободителна пресуда.
Оваа пресуда на Судот за човекови права дефинитивно потврдува дека
постоеше режим раководен од Никола Груевски кој ги жигосуваше
политичките неистимисленици, во еден разработен систем во кој беа
вклучени и учествуваа сите сегменти од општеството.
Почнуваше со медиумски напади и црна кампања, за да се создаде основа
и оправданост кај јавноста за подоцнежната политичка и монтирана
пресуда.
Јас ја иницирав оваа постапка во Стразбур со цел да се дојде до
вистината, да се тргнат сите невистини од моето име, сите лаги кои беа
изнакажани, а немав можност од затвор никогаш да реагирам и да ја
кажам вистината.
Моите години во затвор од една деценија никаква пресуда не може да ми
ги врати, ниту годините, ниту моментите без моето семејство.
Тоа никакви пари веќе не можат да го надополнат. Hо, мојата жртва нека
биде само моја, во мене нема никаков порив за реваншизам и освета, но
имам желба ова да не се повторува.
Јас нека бидам пример како не треба да функционира една правна држава.”