Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи изрази критики кон власта околу борбата против корупцијата, растот на економијата, развојот на образованието, а со Ковид-19 кризата, како што рече, се чини и дека воопшто ќе нема образование.
Изрази критики и кон работата на власта за заштита на животната средина, конкретно во борбата против загадувањето на воздухот.
Мандатарот Заев реплицираше дека се пласираат искривени тези, но тие веќе не поминуваат, а граѓаните за тоа дале потврда на изборите.
-Овие искривоколчени тези повеќе не поминуваат затоа што не направивте ништо да смените од она што беше наша реалност насекаде во светот да бидеме ФИРОМ. Ништо не направивте. Дома бевме Македонци, зборувавме македонски јазик, сега сме за цел свет Македонци и зборуваме македонски јазик, признаени од сите, рече Заев.
Додаде дека и премиерот на Бугарија Бојко Борисов, дошол тука изразувајќи почит према еврејската заедница и зборуваше за македонскиот народ и оти за тоа можело само да се сонува во минатото.
Ова време на лажни патриоти заврши. Со овие избори е направен пресек. Трубевте со сите можни труби насекаде лажни тези коишто на крајот народот на изборите ви потврди дека не ви верува воопшто. Денеска и пермиерите и лидерите на Грција зборуваат за Северна Македонија во која што живеат Македонци што зборуваат македонски јазик. Денеска сме Македонци признаени од целиот свет што зборуваат македонски јазик признаен од целиот свет. Единствено вашиот наратив е тој што го загрозува македонскиот идентитет продолжувајќи со ваквите тези. Никој друг, ниту дома ниту во светот, рече Заев.