Лекари од турската област Ван во текот на оперативен зафат од стомакот на 35-годишен пациент извадија 233 предмети, меѓу кои има монети, батерии, магнети, шајки, парчиња стакло, камења и завртки.
З.Д, кој живее во местото Ипекјолу и има психички проблеми, од страна на семејството е пренесен во клиничкиот центар при Универзитетот „Јузунџу јил“ во Ван.
Во текот на ултразвучниот преглед дијагностицирано е дека во стомакот на пациентот се наоѓаат бројни туѓи предмети.
На лицето му е изведен оперативен зафат, а од неговиот стомак се извадени 233 предмети, меѓу кои има 83 монети од по 1 лира, батерии, магнети, шајки, парчиња стакло, камења и завртки.
Операцијата траела 2 часа, а пациентот ќе биде задржан во болница неколку дена.
Хирургот Серхат Биниџи изјави дека абдоменот е во потполност исчистен од туѓите тела.
„Ова не е нешто што често може да се види кај возрасните, главно тоа е случај кај децата кои несвесно ќе проголтаат туѓи тела. Кога станува збор за возрасни, тоа е во случај кога пациентите имаат психички проблеми, затвореници или жртви на злоупотребување“, рече д-р Бининџи.
Хирургот додаде дека споменатиот пациент проголтал 75 шајки.
„Состојбата на пациентот е стабилна. Почна да внесува вода и храна. Ја следиме неговата состојба“, рече Бининџи.
Умит Халук Иликлерден, главниот лекар на болницата, рече дека граѓаните треба да се предупредуваат да бидат внимателни поради опасноста дека децата и пациентите со психички нарушувања можат да проголтаат туѓи предмети.
Бурхан Демир, братот на оперираниот пациент, зборувајќи дека веднаш побарале лекарска помош, му се заблагодари на лекарскиот тим за успешната операција.