Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ги осуди срамните слики од обидите на демонстрантите против носењето маски да влезат во зградата на Рајхстагот како груба „злоупотреба на правото на собирање”.
-Викендов имавме пример за тоа како може да се злоупотреби слободата на собирање, изјави владиниот портпарол Стефан Зајберт.
Правото на мирно собирање е, како што додаде, „многу вредно богатство дури и за време на пандемијата на коронавирусот”.
-Меѓутоа, тоа право овој викенд беше исмеано, рече Зајберт, зборувајќи „во име на владата и канцеларката Ангела Меркел”.
Неколку стотици демонстранти во саботата ја пробија оградата поставена пред Рајхстагот, седиштето на германскиот Парламент. Тие навреме беа спречени да влезат во зградата откако полицијата интервенираше и уапси неколку лица.
Овие слики предизвикаа шок во германската јавност.
-Резултатот се срамни, неприфатливи слики за обидите на антидемократите да влезат во зградата на Рајхстагот, рече Зајберт.
Во име на владата и канцеларката Зајберт им се заблагодари на тројцата полицајци кои „го бранеа влезот во парламентот”.