Познатиот порно актер Рон Џереми во понеделникот беше обвинет за 20 дополнителни случаи на силување и сексуални напади, вклучително и врз 15-годишничка, соопшти канцеларијата на јавниот обвинител во Лос Анџелес.
Џереми (67), едно од најголемите имиња во филмската индустрија за возрасни, беше обвинет во јуни за силување на три жени и сексуално злоставување на четврта, во случаи од 2014 година.
Новите обвиненија го зголемуваат бројот на неговите наводни жртви на 17, на возраст од 15 до 54 години и опфаќаат период од 16 години, посочува државното обвинителство.
Џереми во понеделникот во судницата во Лос Анџелес се изјасни дека не е виновен. Тој исто така ги негираше претходните обвинувања, а потоа напиша на „Твитер“: „Едвај чекам да ја докажам мојата невиност на суд! Ви благодарам на сите за поддршката“.
Сексуалното злоставување на 15-годишничка за кое е обвинет наводно се случило на забава во Лос Анџелес во 2004 година. Многу други инциденти се случиле во бар во Западен Холивуд, се вели во соопштението.
Доколку биде осуден, Џереми се соочува со можна затворска казна од повеќе од 250 години, пренесува „Ројтерс“.
Џереми се појавува во над 2.000 филмови за возрасни од кои првите се снимени во 70-тите години на минатиот век.