Тројца кумановци, повратници од Сирија и осудени во „Ќелија“ подготвувале терористички напади

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица осомничени дека сториле кривично дело – Терористичка организација од член 394 – а и Тероризам предвидено и казниво по член 394-б од Кривичниот законик.

Станува збор за Б.А. (28) од Куманово, а кој престојува во Скопје, за сторено кривично дело „терористичка организација“ предвидено и казниво по член 394-а став 1 и „тероризам“ по член 394-б став 6 в.в. став 1, како и против В. А. (22) и Е. Љ. (25), двајцата од Куманово, за сторени кривични дела „терористичка организација“ по член 394-а став 2 и „тероризам“ по член 394-б став 6 в.в став 1 од Кривичниот законик.
Тројцата се претходно правосилно осудени кои издржале казна затвор за сторено кривично дело-Учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации.

Првоосомничениот во текот на 2019 година создал терористичка организација со основи на идеолошка матрица на терористичката организација ИСИС, на која  подоцна се приклучиле други лица меѓу кои и двајцата осомничени. Обезбедувајќи финансиски средства организаторот купувал оружје, муниција и воена опрема, а припадниците биле во улога на логистичка поддршка.

Како резултат на добиени оперативни сознанија, по неколку месечна меѓусебна соработка, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал со подршка на Одделот за специјални полициски операции при Министерството за внатрешни работи координирани од јавен обвинител во текот на вчерашниот ден спроведоа полициска акција на четири локации во Куманово и Скопје. При извршените претреси во дом и други простории кај осомничените е запленето поголемо количество на оружје, а тројцата осомничени се лишени од слобода.

Членовите на групата обезбедувале финансиски средства и набавиле поголема количина на оружје, муниција и воена опрема, која ја сокриле-складирале во близина на локалниот пат с. Биљановце/с.Пчиња на м.в „Менкова Колиба“. Како резултат на добиени оперативни сознанија и примена на оперативно тактички мерки на споменатата локација пронајдени се: пет автоматски пушки, пушкомитралез, 18 рамки за автоматска пушка со по 30 куршуми, рамка со 15 куршуми, три дрвени кундаци, дрвен кундак со механизам за испалување, три гранати за рачен фрлач со напис RD 40мм, пет запалки за гранати за рачен фрлач со осигурачи, две маскирни капи, две поткапи црна и сива боја, два пара маскирни ракавици, два тактички елеци, четири тактички елеци со маскирна боја, знаме со испишани арапски букви (ИСИС), марама со испишани арапски букви.

Од извршените претреси пронајдени и одземени се: два појаси рачно изработени исполнети со прашкаста материја (експлозив), метални кугли (лагери) монтирани на картонска подлога и две запалки од рачна бомба за активирање на појасите, две направи со жици од разна дебелина, две радиостаници, осигурач за експлозивна направа, лап-топ компјутер, девет мобилни телефони, пет СИМ картички, електронски уред со објектив, две USB-а, футрола за пиштол, маскирна облека, два ножа, две футроли за ножеви,ПМВ Ауди А-3 и др.

Осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка ќе достави Предлог за определување на мерка притвор за трите осомничени лица.

Обвинителството издаде наредби за вештачење на пронајдените и одземените предмети, воедно согласно надлежноста се преземаат и други дејствија во насока на расветлување на случајот.

Треба да знаете
Последни објави