Вицепремиерот задолжен за европски прашања во новата Влада и досегашен министер за надворешни работи Никола Димитров како историски ги оцени изминатите три години додека ја извршуваше фунцијата шеф на дипломатијата, пред се, како што рече, поради членството во НАТО, решавањето на спорот со Грција, и почнувањето на историскиот процес со Бугарија. Во наредниот период во кој ќе раководи со СЕП, како што истакна, фокус во работата ќе му биде почеток на пристапниот процес за ЕУ и успешно водење на преговорите за членство во Унијата.
-Ќе оставам за тоа да зборуваат партнерствата и пријателствата што ги изградивме со соседите, со Европа и со светот. Постигнавме несомнено историски успех со членството во НАТО и со решение на тридеценискиот спор со Грција, кој како котва не држеше надолу, а почнавме и важен историски процес со Бугарија, рече Димитров на примопредавањето на функциите со досегашниот вицепремиер за европски прашања Бујар Османи, кој пак во новата Влада ќе биде министер за надворешни работи.
Димитров истакна дека заеднички успех со Османи било зеленото светло од март годинава за почеток на пристапниот процес со ЕУ.
-Процес со кој европските стандарди и во смисла на демократија и правда, но и живеење и економија треба да ги донесеме дома, во нашата татковина. Мојот фокус и на СЕП ќе биде почеток на пристапниот процес и да се искористи моментумот со германското претседателство и посветеноста на канцеларката Меркел кон крајот на годинава конечно да ги почнеме пристапните преговори и да ја отвориме најдобрата алатка за реформи дома, рече вицепремиерот Димитров.
Тој додаде оти тоа на некој начин би значело дека СЕП ќе биде еден од главните мотори кој ќе ги турка реформите напред. Најави дека претстои анализа односно одредено освежување на преговарачката структура која е веќе воспоставена со оглед на новата методологија на кластери во кои има повеќе поглавја.
Не чека, посочи Димитров, работа, предизвици, бреме и товар, но и огромна златна шанса овие години да бидат искористени за подлабоко да се навлезе во преговарачкиот процес.