Хрватски државјанин кој се претставувал како дипломат, уапсен е на италијанскиот остров Капри откако била отворена истрага за неплатени сметки за престојување во луксузен хотел и изнајмување на брод за крстарење.
31-годишниот Хрват кој и претходно ѝ бил познат на полицијата, престојувал 10 дена во луксузен хотел на островот Капри каде што посетувал барови и ресторани, изнајмил брод и крстарел во водите кај Капри, Амалфи и Соренто, пренесува “La Stampa”.
Неговото луксузно летување го прекинале италијанските Карабињери кои го уапсиле поради измама и лажни изјави за неговиот идентитет.
Неговиот одмор требало да заврши утре според резервацијата во хотелот, меѓутоа била отворена истрага поради неуспешниот обид за наплата на услугите. Како што пренесува италијанскиот весник, кога Карабињерите пристигнале, тој продолжил лажно да се претставува и им порачал дека е изнервиран и навреден од нивното присуство.
Тој при пријавата во хотелот предал фалсификуван личен документ, а кога требало да ја плати сметката, го известил менаџментот на хотелот дека договорил банковен трансфер од 10 илјади евра.
Хрватот на ист начин изнајмил и брод со екипаж и ги посетил некои од најубавите места на Капри како и брегот Амалфи, за што сметката изнесувала 4,500 евра.