Османи: Поддршката од УН создава видливи резултати во напредокот на општеството

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, оствари работна средба со Резидентниот координатор на ОН во Република Северна Македонија, г-ѓа Росана Дуџиак.

„Имавме одлична соработка со агенциите на Обединетите нации за време на мојот мандат во Секретаријатот за европски прашања и како Национален координатор на странската помош, особено изразена за време на првиот бран од кризата предизвикана од КОВИД19. Дозволете да ја пренесам благодарноста на целата Влада за севкупната поддршка, секако и мојата лична благодарност за посветеноста на вас и вашата администрација во асистирањето на земјата при справувањето со пандемијата” истакна Османи, посочувајќи дека очекува задржување на соработката и во претстојниот мандат како Министер за надворешни работи.

Министерот ја реафирмираше посветеноста на Република Северна Македонија за имплементација на целите на одржливиот развој на ОН, преку развојот на демократијата, човековите права, доброто владеење и одржливиот развој во земјата, како целосно компатибилни и со целите на европската интеграција што е важен стратешки приоритет на Република Северна Македонија.

„Република Северна Македонија активно се менува, и видливо, се менува кон подобро. ООН и нејзините агенции, како и досега, така и во иднина можат многу да придонесат за поддршка и успешно водење на овие процеси “, истакна Османи.

Во продолжение Османи се заблагодари и за досегашната поддршка во имплементацијата на Рамката за развојна соработка на ОН, и изрази очекување дека новата рамка за развојна соработка за периодот 2021-2025, чија подготовка е во завршна фаза, дополнително ќе придонесе кон остварувањето на стратешките приоритети на Република Северна Македонија.

 

Резидентниот координатор Дуџиак, заблагодарувајќи се за целокупната соработка на Република Северна Македонија со Организацијата на Обединетите нации и за нејзиниот придонес во промоција на глобалниот мир и просперитет, ја изрази подготвеноста на Организацијата и нејзините агенции да придонесат во постигнувањето на целите на одржливиот развој, со посебен акцент на принципот „никој да не заостане” како водечко начело при имплементацијата на програмите за поддршка на Република Северна Македонија. 

 

Треба да знаете
Последни објави